Онлајн промоцијата за „Јас сум Акико“, книгата за деца од српскиот автор Стефан Тиќми ќе се одржи на 16 април, петок на Фејсбук страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“.

Онлајн промоцијата ќе започне во 19 часот, а разговорот со авторот Тиќми ќе го води уредничката во „Арс Ламина“ Оливера Ќорвезироска.

„Јас сум Акико“ досега има добиено голем број награди меѓу кои и за најдобра книга за деца од „Политикин забавник“, а исто признание го освои и на Саемот на книга во Херцег Нови. Младиот писател од Лесковац е познат и по тоа што во населбата Анчики блиску до неговиот роден град, во напуштена куќа направил мала бесплатна библиотека со 5000 книги. Воедно, пошироката јавност го знае и како преведувач на поезија на знаковен јазик“, истакнуваат од издавачката куќа.

Оттаму дополнуваат дека книгата ја обработува приказната на едно девојче со пеги кое не ги сака границите.

„Главен лик во романот е Акико, која го сака својот татко, кожата ѝ мириса на стара хартија и често е осамена. На другите им изгледа необично, но животот ќе ѝ се смени благодарение на Баобаб и Марсело. Ова е мудра книга и многу ставови што ги истакнува Акико за родителската љубов, за внатрешниот свет, за извртената стварност, за пријателството и за многу други сфери, е добро да допре и до возрасните“, истакнуваат од Арс Ламина.

Филмскиот центар на Србија минатата година го поддржал проектот за адаптирање на делото во сценарио за долгометражен цртан филм.

Илустрацијата на македонското издание на книгата е дело на домашниот уметник Ване Костуранов.