Со цитирање на дел од поетските зборови кои оставија длабок печат врз македонската поезија напишани од перото на македонскиот поет Анте Поповски, во Спомен собата на браќата Миладиновци на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ се одржа чествување на неговиот лик и дело по повод 90 години од раѓањето.

Професорката Кристина Николовска која е автор на делото „Книга за Анте“ во својот емотивен говор посочи дека сите ние сме книга за Анте и како книга ние сме завет.

Оти ќе нè поучи таткото на речта, песната во нејзиното основно битие е завет, песната е преобразено битие на нејзиниот автор кој самиот себе си се осмислува во завет, така и ние сме песна Антева, и ние сме прозбор чудесен сè додека така сами себе си глаголиме… и нè остави во кобната 2003… откако тој засекогаш излезе од неговата куќа веднаш по него и куќата отпатува со него, темелите, столбовите, скалите, покривот тргнаа по неговите траги и исчезнаа, куќата беше составена од неговиот глас како што и куќата Македонија го содржеше и сè уште го содржи неговиот, глас но и гласот на сите поети, писатели уметници, и чудотворци кои ја правеа и чуваа да биде дом, да биде градба каде јазикот, речта, словото, зборот се нејзиниот највисок штит и не беше осамен и не е осамен големиот поет и филозоф Анте, еден од столбовите на современата македонска мисла“, говореше во стих Николовска. Ангелот-татко, како што рече професорката засекогаш излезе од својата куќа, а на замин нè поучи дека феноменот на поезијата постои за да воспостави ред меѓу нештата, ред помеѓу човекот и времето зашто вистинската традиција не е завршено минато. Таа е силата која ја оживува и продолжува стварноста.

На чествувањето присуствуваа синовите на Анте Поповски, а Александар Поповски го истакна интересот за меѓународниот конкурс за поезија „Антево слово“, кој деновиве го објави годинешниот лауреат Иван Антоновски за неговата песна „Нека биде запишано“.

Минатата година имавме над 90 книги, ние немаме ниту парични награди, ниту ништо, ние само ја објавуваме победничката книга и даваме златници со ликот на Анте Поповски“, истакна Александар Поповски.