Научници од Нов Зеланд тврдат дека конечно ја решиле една најголемите мистерии – како и од што умрел Александар Македонски. Сепак, уште станува збор за теорија, која кој знае дали може да се потврди научно, но и таква предизвика огромно внимание во светот, зашто веројатно е „најоткачена од сите досегашни“.
„Дејли меил“ и „Њујорк пост“ пишуваат дека воениот гениј починал од ретка болест која го парализирала шест дена, а делумно ја изгубил способноста да се движи, да зборува и да дише, се тврди во студијата.
Тоа значи дека античкиот македонски крал и војсководец „најверојатно бил се уште жив додека неговите лојални офицери го подготвувале неговото тело за погребување во 323 година п.н.е.
Неговите мускули биле толку многу парализирани што лекарите кои се грижеле за него едвај можеле да забележат дали Александар дишел, што наведува на тоа дека тој бил прогласен за мртов цела недела порано. Во тоа време, потсетуваат авторите на студијата, лекарите не вршеле проверка на пулсот, туку гледале дали постои мускулна активност при дишењето.
„Дејли меил“ коректно пишува дека Александар бил македонски владетел, кој до 25 годишна возраст ги покорил Атињаните, Мала Азија, Персија и Египет. Војсководец кој не знаел за пораз, кој градел нови градови, а ја прославил и тогашната Македонска академија.
Најчеста теорија за неговата смрт е дека е отруен, најверојатно од некој Грк, а другата распространета теорија е дека тој починал како последици од нилска треска. Се наведува дека паднал болен по една вечерна пијанка, од која не се опоравил и оти по 11 дена ја загубил битката за живот во големи болки и маки.
Сега научниците од областа на медицината сметаат дека го имаат одговорот: ретка автоимуна болест (Guillain-Barré Syndrome) го уништила неговото тело од внатре. Според научниците најверојатно станува збор за прв случај на лажна смрт (псевдо танатос).
Сакам да поттикнам нова дебата и ако е можно ново пишување на учебниците со тоа што ќе се претпостави дека смртта на Александар била шест дена подоцна отколку што е тоа официјално прифатено, вели др. Катерина Хол, од Данедин скул оф медисин во Нов Зеланд во студијата објавена во Преглед на античката историја.
Comments are closed for this post.