Истражувачи од Универзитетот во Тел Авив успеале успешно да го отпечатат првото тродимензионално срце со помош на клетки и биолошки материјал од пациенти.

Научниците кои дошле до оваа медицинска иновација, која синоќа е објавена во „Адванс сајнс“, успеале да креираат цело срце, заедно со ќелии, крвни садови, комори и предкомори, што претставува значајно подобрување во однос на претходните обиди да се отпечатат само едноставни ткива без крвни садови.

Процесот на создавење на срце започнал со биопсија на масно ткиво земено од пациент. Материјалот е изработен од ќелии од ткиво кои се користени како „мастило“ за печатењето. Тоа им овозможило на истражувачите да направат сложен модел на ткиво.

Важно е да се напомене дека отпечатениот орган е со големина како срце на зајак, но технологијата која тоа го овозможува би можело на крајот да доведе до производство на орган кој ќе биде со големина на човечкиот.

Истражувачи со години работат на 3Д печатени ткива, со цел создавање функционални органи за трансплантација. Научниците кои учествувале во проектот на Универзитетот во Тел Авив имаат теорија дека во рок од 10 години печатени органи може да станат достапни во болниците.