Наставничкиот совет на ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ упати ултиматум до министерката за образование Мила Царовска со кој  бараат разрешување на директорот на училиштето Филип Фидановски, а дотогаш целосно ќе ја опструираат работата во училиштето.

– Нема да биде усвоена ниту една одлука на Наставничкиот совет, сè додека не се задоволат нашите барања: Разрешување на в. д.директорот, овозможување на услови за формирање на УО со цел легално и демократски да се избере директор на училиштето согласно волјата на вработенити запирање на постапката за донесување нови програми и нормативи во уметничкото образование – информира Наставничкиот совет на ДСУЛУД „Лазар Личеноски“.

Од таму велат дека се надеваат дека министерката ќе ја разбере сериозноста и тежината на проблемот и дека конечно ќе излезе во пресрет на нивните категорички барања.

– Свесни сме за последиците по нашите ученици. Затоа, апелираме да го надминеме проблемот во најкус можен рок со цел да ги заштитиме учениците. Ја изразуваме нашата подготвеност да ги утврдиме завршните оценки на матурантите и да ги реализираме поправните испити, со гаранции дека до крајот на учебната година, ќе се задоволат нашите барања. Во спротивно, идентично ќе постапиме на следните Совети, сè до остварување на нашите цели – велат од Наставничкиот совет.