Не можеш да го игнорираш општеството во кое живееш и она што во него навистина се случува. За мене би било потполно сеедно кој е на власт се додека гледам дека таа власт и таа влада се грижи за својот народ. Не знам како е кај вас, но мислам дека не сме толку политички зрели, сметам дека немаме толеранција, немаме слободни медиуми, слобода на изразување, едноставно немаме простор каде би слушнале поинакви мислења, а тоа веднаш да не биде сфатено како некаква критика на власта, изјави денеска белградската глумица Бранка Катиќ, која е ѕвезда на петтото издание на Филмскиот фестивал „Киненова“.

Катиќ е добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност на Меѓународниот фестивал „Киненова“ за 2020 година.

Поради коронакризната „Киненова“ оваа година ќе се емитува на Телевизија 24 од први до 31 октомври, а официјално од 8 до 18 октомври под мотото „Прво филм“.

На денешната прес-конференција Катиќ се вклучи во живо во разговор со новинарите.

Навистина верувам дека треба да нè поврзува нешто во што навистина сме добри и да учиме од другите, да сме отворени кон другите размислувања и други агли на гледање на нештата, отколку постојано да мислиме, ние сме најдобри, никој не е добар како нас и затоа сите ни се непријатели. Јас растев во социјализам и многу убаво растевме. Растевме во Југославија и тоа беше многу убава земја. Родителите добиваа станови од претријатијата за кои работеа, тоа беа тогаш државни фирми, се сеќавам дека здравствените домови беа чисти, лекарите насмеани, факултетите беа бесплатни и тоа како успех имаш на училиште одлучуваше какво место добиваш на листата на факултет, а не дали имаш пари да платиш или не. Тешко е од таков социјализам да се премине во овој премин, не знам веќе каде сме-квази неолиберален капитализам. Тешко е затоа што сите ние сме некако така воспитувани- дека сите сме еднакви и јас во тоа верувам. Верувам дека секоје човечко суштество треба да има еднакви можности и дека треба да се почитува секој човек, рече Катиќ.

Педестгодишната Катиќ е една од најдобрите и најпопуларните српски актерки со интернационална кариера. По пауза од две децении таа летово се врати во српскиот театар, во претставата Самрак на боговите“, на хрватскиот писател Ивор Мартиниќ. Катиќ последните години јавноста ја памти како Дијана, една од главните ликови во хрватската тв-серија „Новини“, Неодамна ја видовме и во ситкомот „Вујко – нови хоризонти“, а таа се појави и во неколку епизоди од серијалот „Група“. Таа со семејството долго време живее во Лондон, каде постигне успешна кариера. Тамошните гледачи ја знаат по сериите „Big love“ и „Blackout“…

Ние навистина не мразевме никого, ниту Хрвати, ниту Муслимани, едноставно никој од мојот круг пријатели во Белград никогаш немал чуство на омраза кон било кого. И жалам што не успеавме да направиме нешто повеќе. Искрено жалам за она што му се случи на Сараево и на сите луѓе кои страдаа во таа војна затоа што секогаш постојат невини луѓе кои никого не мразат, но страдаат многу повеќе од оние кои подбуцнуваа, рече меѓудругото Катиќ.

Директорот на „Киненова“ Небојша Јовановиќ на денешната прес-конфренција го најави почетокот на петтото издание на Фестивалот.

Нас кризата дополнително нѐ мотивираше, бидејќи бевме свесни дека имаме мисија да продолжиме и тоа со квалитет повисок од тој кој што сме го поставиле претходно. Оваа година ја имаме можеби најобемната и најквалитетна програма до сега. Филмовите се поместени во 11 програмски целини и тоа: Главна натпреварувачка селекција-Меѓународна конкуренција, Киненова ретроспектива, Посветено на Фернандо Труеба, Посветено на Билјана Гарванлиева, Фокус на Австрија, Награда Лукс на Европскиот парламент, Киненова независни, Киненова специјал, Вон конкуренција, Меѓународна конкуренција на куси филмови, Македонски куси“, изјави Јовановиќ.

Тој додаде дека Фестивалот ја продолжува традицијата да го става фокусот на главната програма, на први и втори филмови на нови режисери од цел свет.

Игор Анѓелков, програмскиот директор на фестивалот изјави дека „Киненова“ се приклучува на светскиот тренд кој се наметна и води кон тоа фестивалската програма да се прикажува на телевизија за да можат што повеќе луѓе да видат што нуди Меѓународниот филмски фестивал.

Оваа година ‘Киненова’ се издвојува по супер квалитетната филмска програма, дебитантите го имаат целото внимание во програмата и пред публиката, а главниот фокус е на европските филмови, односно во фокус е шпанската кинематографија и во сите три филмови доминира Пенелопе Круз, рече Анѓелков.

Беа објавени и имињата на членовите на двете фестивалски жирија. Голем куриозитет е што оваа година претседател на главното фестивалско жири е прославениот полски режисер Кшиштоф Зануси. Членови на истото жири се: бугарскиот наградуван режисер Драгомир Шолев и Керем Ајан, директор на најголемиот филмски фестивал во Турција, Истанбулскиот филмски фестивал.