Во шпанскиот град Буњол денеска почна спектакуларните битки со домати. Тие ќе траат до целосно исрпување на „муницијата“.

Томатина е најголемата битка со храна во светот. Нејзиниот почеток датира уште од 1945 година, веднаш по завршувањето на Втората светска војна, пишува Ројтерс.

Годинава за присуство на битките беа подготвени 20.000 билети, а на фестивалот се вклучуваат и многу странски туристи и локални жители.

За годинешната манифестација со шест камиони беа донесени вкупно 145 тони домати. Некои од учесниците носат очила како „средство“ за заштита на очите.

И додека едни се подготвуваа за битка, други ги заштитуваа своите домови од оштетувања. Многу од зградите се покриени со церади за да не се валкаат ѕидовите.

Во екот на диктатурата на генералот Франсиско Франко, во 50-тите години, фестивалот беше извесно време забранет. Но, наспроти тоа, тој беше обновен и во 80-тите се стекна со голема популарност. Денес привлекува илјадници туристи од целиот свет.