По повод 40 години од основањето на фестивалот „Браќа Манаки“ (уште минатата година) од печат излезе монграфијата „40: ИФФК Браќа Манаки“ во издание на Кинотеката на Македонија.

Ова е прво поголемо издание кое одбележува јубилеј на овој фестивал кој е еден од ретките во светот што е тематски определен – фокусиран на филмската фотографија и работата на директорите на фотографија, кинематограферите. Фестивалот „Браќа Манаки“ од манифестација (Манакиеви средби) прерасна во фестивал на југословенска камера, за по осамостојувањето на Македонија да добие меѓународен карактер, и денес е официјално познат како Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Монографијата го следи развојот на фестивалот.

На картата на европските филмски фестивали има еден на југот од Македонија кој е поинаков од сите, попосебен и повпечатлив. Фестивал на камерата.“ – се зборовите со кои уредникот на Програмата за култура на босанскохерцеговската национална телевизија BHT1, Џевдет Тузлиќ, го започнува својот осврт на значењето на фестивалот „Браќа Манаки“ за европската кинематографија. Неговиот текст, заедно со уште 13 други за фестивалот и неговото значење, за историјатот и хронологијата, за браќата Манаки по кои е именуван фестивалот, како и за наградуваните филмови и филмски професионалци се поместени во монографијата со цел да дадат една заокружена слика за изминатите четири фестивалски децении.

Покрај Тузлиќ, автори на објавените текстови се и Гена Теодосиевска, сегашен директор на фестивалот, Благоја Куноски-Доре, поранешниот директор, а сега селектор на фестивалот, филмолозите Игор Старделов и Владимир Ангелов од Кинотеката на Македонија, Душко Димитровски – новинар и критичар од Сараево со постојан престој во Виена (чест гостин на Битола и на светските филмски фестивали), хроничарот Стефан Хаџи Андоновски, но и Пол Рене Ростад, претседателот на Меѓународната федерација на кинематографери (IMAGO), Миха Брун, филмски критичар и новинар од Љубљана и Најџел Волтерс, потпретседател на Британското здружение на кинематографери (BSC).

Ростад, претседателот на IMAGO, кој минатата година во име на федерацијата, на ИФФК „Браќа Манаки“ му ја додели престижната награда – „Кристалното око“ на IMAGO за неверојатен придонес кон уметноста на кинематограферите, пишува дека за неговите колеги фестивалот е од исклучителна важност: „Не само поради тоа што фестивалот ‘Браќа Манаки’ е најстариот фестивал од својот вид со посветен фокус врз уметноста на кинематограферите, туку и поради високиот квалитет на фестивалот, професиналната администрација и водство, како поради топлината и пријателската настроеност на луѓето на фестивалот и луѓето во Битола и Северна Македонија, информираат од Кинотека на Македонија.

Монографијата изобилува со фотографии од фестивалските церемонии, настани, тркалезни маси, мастеркласови, како и прес-клипинзи од написи објавени во печатените медиуми. Содржините се двојазични – на македонски и на англиски јазик.

Промоцијата на монографијата двапати беше откажувана и тоа од веќе познатите причини.

За жал, пандемијата со Ковид-19 ни ги расипа плановите. Веќе беше закажана промоцијата на монографијата за крајот на март, и авионските билети за странските гости и промотори набавени. Но, се случи тоа што се случи, се понадевавме дека можеби ќе добиеме уште подобра шанса, токму на фестивалот ‘Браќа Манаки’, но еве, и по повеќе од шест месеци заради мерките на предострожности и протоколите за заштита на јавното здравје, заклучуваме дека во моментов нема соодветни услови за одржување на сериозна промоција на изданието. Кога ќе се создадат поповолни и побезбедни услови ќе промовираме, ќе прославиме, ќе презентираме. Дотогаш, заинтересираните читатели и љубители на филмската уметност, сега за сега, монографијата можат да ја најдат во книжарницата на Кинотека, велат оттаму.