Националната опера и балет информираше дека е назначен нов уметнички раководител на Операта, Мицко Дамњановски.

Дамњановски доаѓа на местото на диригентката Бисера Чадловска која беше уметнички раководител на Операта од септември 2017 до 2021 година, соопштија од Операта.

Мицко Дамњановски во 2002 година дипломира на факултетот за Музичка уметност, отсек – туба, а магистрирал 2006 година на Кралскиот конзверваториум за музика во Брисел, Белгија, отсек – туба. Пред вработувањето во оркестарот на Националната опера и балет во 2007 година, кратко време работел во Бриселската Филхармонија.

Постојан член е на меѓународниот оркестар за снимање филмска музика FAMES, соработник на сите помали и поголеми оркестри формирани за посебни намени (Биг бенд, Дувачки оркестар, Градски оркестар и други, како и гостин тубист во Нишкиот Симфониски оркестар, Национална опера-Тирана, Црногорски Симфониски оркестар. Основач е на БРАССТЕТ СКОПЈЕ во 2019 година со настапи на фестивалот „Охридско лето“ и други фестивали низ републиката.