За манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Матејче, Кумановско, кој беше осквернавен во војните конфликти во 2001, со Годишната програма за проекти од национален интерес во културата, издвоени се еден милион денари. Со овие средства ќе бидат извршени превентивни интервенции на архитектурата и ѕидното сликарство и камбанаријата на црквата „Успение на пресвета Богородица“.

Овој манастир, кој долги години беше оставен на забот на времето, претставува културно наследство во опасност, а министерката Ирена Стефоска, во неколку наврати, посочи на потребата од негова заштита. Таа кон крајот на ноември соопшти дека Националниот конзерваторски центар – Скопје започна со превентивни конзерваторски интервенции на црквата за ова културно добро да се заштити од надворешни влијанија во зимскиот период“.

Оваа манастирска црква во рамки на манастирот во Матејче, Општина Липково, е изградена во 1345 година, со богатиот живопис кој потекнува од 1348 до 1352. Живописот во црквата денес во голема мера е уништен, но сочувани се сцени од животот на Исус Христос и Богородица. Во оваа црква се зачувани и бројни записи, меѓу кои се истакнуваат оние на митрополитот Никифор и на Кирил Пејчиновиќ…