Еминентната хрватска издавачка куќа ВБЗ ја објави книгата раскази „Делфин“ на Александар Прокопиев, „еден од водечките балкански постмодернистички писатели“, како што се оценува во најавата на издавачот. Преводот на хрватски е на Ивица Баковиќ.
Расказите на Прокопиев се наоѓаат некаде на границата помеѓу реалистичното и фантастичното. Кај него взаемно опстојуваат имагинарните и вистинските дејствија и ликови, што се јавуваат во различни хронотопи, па ги затекнуваме во Скопје, Белград, Загреб, во соништата, некаде на морскиот брег, во далечното минато, како и во животот на Александар Прокопиев. Некои од тие раскази се очевидна фикција, некои се историографски, додека некои се исчитуваат како автобиографска проза. Раскажувачот не води во деновите на детството и младешкото созревање, но зануркува и во подлабоки теми како што се положбата на интелектуалцот во времињата неприкладни за тие кои истапувале против владеечкиот систем, вината и простувањето, тежината на победите и поразите.
Самосвоен, со хумор, ерудит без сувопарност, писател за сите генерации, како критиката го именува, Прокопиев напишал една шармантна и духовита книха, која ќе не освои и ќе ни дарува единствено читателско искуство, се вели во рецензијата.
За релативно кусо време, во последниве неколку месеци, се издадоа три преведени книги од Прокопиев: „Делфинот“ во Словенија (издавач „Апокалипса“), „Синот-риба“ во Србија (издавач „Геопоетика“) и сега, хрватскиот „Делфин“ кај ВБЗ.
Comments are closed for this post.