Друштвото на ликовни уметници на Македонија под покровителство на Град Скопје и Министерство за култура вечерва ја отвора изложбата „Мал формат“ во Културно информативниот центар – КИЦ , салон Имеријал 1, која ќе трае 10 дена. Во неа учествуваат 33 автори, членови на Друштвото.
Од Уметничкиот совет на ДЛУМ информираат дека наградата за „Мал формат“ годинава оди кај Дејан Иванов-Маргуш за делото ,,Осоговски пејзаж”.
„Со енергично насликаните мотиви од македонските скриени убавини, на кој авторот им се посветува подолг период, тој провоцира трагање со погледот, а поставува воздушна перспектива во која го внесува гледачот. Прочистениот израз, едноставниот богат потез и возбудливата текстура го збогатува чувството на оптимизам и нашата припадност кон природата“, велат од ДЛУМ.
Изложбата „Мал формат“ на ДЛУМ е традиционална поставка на крајот на годината. Темите се слободни и како што велат од Друштвото, може да се забележи замор од „оваа тешка и специфична година“.
„Забележуваме враќање кон природата, кон пејзажот, но колорит и композиции кои ќе не замислат. Индивидуалниот ракопис и пристап на изработка кај секој од авторите ја бележи нивната потреба за творење, или пак бегство од реалната апатија и дотолку повеќе се значајни овие колективни изложбени претставувања кон патот до гледачот. Таа слобода на изразувањето, која ја почитуваме кај нашите колеги, со оваа изложба, ви ја претставуваме“, велат од ДЛУМ.
Во изложбата учествуваат: Ана Ивановска, Ана Спасова, Ангелца Стоиљковиќ, БлашкаМиева, Дејан Иванов, Дијана Томиќ-Радевска, Дита Старова, Душан Георгиевски, Емилија Божиновска, Златко Бојковски, Златко Глигоров, ЗулељехаЗубери Али, Ивона Велковска, Игњат Шќекиќ, Илина Арсова, Јовица Мијалковиќ, Љубица Мешкова-Солак, Љупчо Бојаров, Маја Димитреова, Маја Кировска, Марија Светиева, Марина Цветановска-Мартиновска, Марјана Костојчиновска-Узунчева, Мирјана Крстева Масети, Никола Смилков, Перо Кованцалиев, Петра Јовановска, Силвана Атанасовска, Слободан Милошевски, Стефан Димовски, Стефан Хаџи-Николов, Тања Таневска, Шќипе Мехмети.
Comments are closed for this post.