Во месецот мај, месец предвиден за традиционалниот Саем на книга, издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најавува второто издание на е-саемот на книга. И оваа година како и претходната, саемот ќе биде онлајн на www.antolog.mk, но и во нашите книжарници. Саемот ќе трае од 10 до 20 мај 2021 година.

За време на саемот, „Антолог“ на сите читатели им најавува ексклузивна можност да ги добијат 150-те најпродавани наслови со попуст од 10% до 50%, како и бесплатна достава за сите нарачки од сајтот над 999 денари.

Покрај намалените цени и атрактивните попусти, „Антолог“ најавуваат и многу други настани и активности што ќе го збогатат овој Мајски саем, меѓу кои и редовните посети на Книжарницата на тркала на различи локации низ државата, во која ќе важат тековните саемски цени. Од засега најавените посети, Книжарницата на тркала ќе ги израдува читателите во: Прилеп (13 мај), Ресен (14 мај), Битола (15 мај), Велес (20 мај), а за другите локации ќе известиме дополнително.

За време на Саемот, ќе бидат организирани и различни настани со неколку македонски автори, како добитникот на наградата „Роман на годината 2020“ – Владимир Јанковски, трилер-авторот Анде Јанков, уредникот и писател Жарко Кујунџиски и дебитантката Станка Бајлозова-Барламова, од кои дел ќе се одржат онлајн, а дел во рамките на патувањето на Книжарницата на тркала.

Дополнително изненадување за читателите е дека за време на овој Саем повторно ќе биде отворена и Кутијата на приказни (Story Box), со која им се дава простор на неафирмираните автори за објавување на нивните творби на различни теми.

Искуството од минатогодишниот е-саем покажа дека е читањето одличен начин полесно да се поднесат овие тешки времиња и затоа идејата на овој саем е да ги направиме книгите што подостапни за сите – по намалени цени, и тоа онака како што преферираат самите читатели: од удобноста и сигурноста на своите домови преку интернет-нарачки, директно од нашите книжарници, или од нашата Книжарница на тркала кога таа ќе го посети нивното место на живеење.