Пандемијата со ковид-19 ќе трае најмалку уште една и пол година, тврди претседателот на италијанскиот Висок институт за здравство, Силвио Брусаферо.

„За разлика од природните катастрофи кои можат да бидат драматични, но краткотрајни, како што е земјотрес, пандемијата предизвикува долгорочен стрес. Здравствените системи работат на воспоставување стратегии кои ќе ни помогнат да се приспособиме на таквата ситуација, а некои од овие мерки веројатно ќе бидат трајни“,

вели Брусаферо.

Тој додава дека од досегашниот тек на пандемијата може да се научи дека превенцијата е клучна, бидејќи помага да се избегнат здравствени кризи.

Вишиот институт за здравство е најголемиот научно-здравствен орган во Италија.

Во Италија оваа недела има половина помалку новозаразени со коронавирусот во споредба со претходната. За еден ден се регистрирани 16 500 нови случаи на инфекција, но бројот на смртни случаи сѐ уште е многу висок – 672 на ден, објави агенцијата Анса.

Вкупниот број на заразени со коронавирус во светот од почетокот на пандемијата достигна 63 милиони 650 илјади лица, додека бројот на починати е еден милион 475 илјади луѓе.

Трката за справување со вирусот сега е насочена кон вакцините, при што најблиску до готов производ се две американски компании – „Фајзер“ и „Модерна“ и британската „Астра Зенека“.