Заминувањето на академик Георги Старделов, чијшто виспрен и прониклив дух со децении ја унапредуваше филозофско-естетичката, книжевно-научната и културолошката мисла во нашата средина, е непроценлива загуба за нашата академска и културна средина, се наведува во соопштението од Институтот за македонска литература при што се изразува длабока жалост по повод неговата смрт и сочувство до неговите најблиски – семејството и блиските соработници.
Акад. Георги Старделов, се посочува во соопштението, беше и истакнат македонист, проучувач на македонската книжевност и остваруваше плодна и континуирана соработка со Институтот за македонска литература. Тој беше ценет учесник на научните симпозиуми на Институтот од кои се објавија неговите мошне вредни научни трудови за најзначајните македонски книжевни дејци. Тоа се трудовите „Првата деценија од поетското творештво на Ацо Шопов“ во Зборникот Творештвото на Ацо Шопов (1993); „Македонска литература и историја“ во Зборникот Ѓорги Абаџиев: Живот и дело, 90 години од раѓањето (2001); „Епохата на Димитрија Миладинов“ во Зборникот Димитрија и Константин Миладиновци (2004); „Пофално слово за Блаже Конески“ во зборникот Блаже Конески осумдесет години од раѓањето (2002) и многу други. Проф. Старделов редовно објавуваше прилози во научното списание „Спектар“ на Институтот за македонска литература.
Соработниците од Институтот, се додава во соопштението, со голема посветеност и пиетет кон акад. Старделов зедоа учество во макропроектот кој го раководеше „Историја на културата на почвата на Македонија“ во делот „Македонскиот јазик и македонската книжевност од епохата Св. Климент до епохата Блаже Конески“ од кој произлезе и капиталното издание на Македонската академија на науките и уметностите во 2016 година.
Неговата долгогодишна и исклучително значајна работа како професор, академик, научник, книжевен критичар и теоретичар на културата, есеист и естетичар е непроценлив прилог и за развојот на македонистиката и македонската книжевна наука и поттик за нејзино натамошно иновативно интердисциплинарно и проследување во контекстот на балканската естетика, но и во бројни други насоки на интеркултурната и интердискурзивната промисла. Милината и благоста на неговиот ораторски настап, во спрега со раскошното распостилање на мислата вдолж координатите на поврзаноста на предметот на промислувањето со светот, ние, што имавме чест да го познаваме и слушаме, и натаму ќе ги наслушнуваме во текстовите што како мудрост и сознајба ни ги остави како завештание нам и на идните поколенија. Слава му!, се наведува во соопштението од Институтот за македонска литература.
Comments are closed for this post.