Во рамки на програмата на 45. МОТ денес (30 ноември) ќе се изведе претставата „Иднината е приватна“ во режија на Милош Б Андоновски, од 19 часот – онлајн.

Независната театарска група Пресврт започна токму со овој проект, истражувајќи го реалниот живот, наспроти животот на интернет, приватноста и приватизацијата, дистанцираноста во сајбер- просторот.

„Иднината е приватна“, во режија на Милош Б Андоновски беше идеја што се развиваше уште пред појавата на вирусот и карантинското онлајн функционирање. Во време кога виртуелниот простор е единствената агора во која луѓето живеат, која е позицијата на човековата приватност? Дали таа ќе исчезне под влијанието на социјалните мрежи или вешто ќе ја зачуваме? Што се случува кога нашиот идентитет го гради одреден алгоритам? Можеби токму софтверот ќе нè натера да се навратиме кон она што е човечки. Поставена во далечната иднина, претставата „Иднината е приватна“ зборува за живот оформен од физичка дистанца, изолација и комуникација исклучиво преку виртуелни профили, посочуваат од МОТ.