Народниот театар „Антон Панов“ од Струмица за прва премиера во новата година ја подготви „Гронхолм метод“ по истоимениот текст на шпанскиот драматичар Жорди Галсеран.

На прес конференција, режисерот Васил Василев од Бугарија истакна дека психолошкиот трилер на Галсеран ја истражува тенката граница меѓу тоа што значи вистина и тоа што значи привид.

Станува збор за претстава која е театарско уживање, во кое гледачите можат да се насладат потонати во сопствените мисли и во тоа што го чувствуваат. Јас, како режисер, во последните години се занимавам со проблемот на манипулацијата на човекот и како тој се манупулира. Што се случува со него кога некој од некаде го набљудува и му ги определува правилата. Токму тоа е темата на нашата претстава и од самиот почеток почнуваме да поставуваме многу прашања на кои гледачот постепено почнува да си одговара. Гледачот не е само гледач, туку е дел од нашата манипулација, тој е дел од нашата игра, посочи режисерот Василев.

Улогите ги толкуваат Горан Ников, Танкица Стојанова, Игор Тодоров и Ванчо Василев. Сценографијата и плакатот се на Валентин Светозарев, костимите ги подготви Ванчо Василев, а композитор на музиката е Милен Апостолов.

Љубителите на театарската уметност ќе можат да ја проследат премиерата на 20 јануари.