Добитниците на Нобеловата награда годинава ќе добијат дополнителни милион круни (околу 110.000 долари), соопшти шефот на Нобеловата фондација.

Весникот Дагенс индустри пишува дека паричниот фонд за наградите годинава ќе се зголеми на десет милиони круни.

Одлуката е донесена бидејќи нашите трошоци и вкупниот капитал се во стабилен однос на целосно поинаков начин од претходно, изјави првиот човек на Нобеловата фондација Ларс Хајкенстен.

Изумителот на динамитот Алфред Нобел за финансирање на наградите кои се доделуваат од 1901 година оставил околу 31 милиони круна, односно околу 1,8 милијарди круни во денешната вредност на парите.

Паричниот износ со текот на времето варирал. На почетокот станувало збор за 150.000 круни, а во 1981 година достигна сума од милион круни.

Вредноста нагло скокна во осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век. Во 2000 година беше зголемена на девет милиони круни, а следната на десет.

Поради глобалната финансиска криза во 2008 и 2009 година наградата во 2012 беше намалена на осум милиони круни, за во 2017 повторно да биде зголемена на девет.

Хајкенстен, кој на крајот на оваа година се повлекува од досегашната функција, и наместо него ќе ја врши поранешниот норвешки министер за надворешни работи Видар Хелгесен, кажа дека Фондацијата ќе продолжи со повремено зголемување на паричниот износ на наградата.