Најинтересната карактеристика на Самсунг Галакси А7 (2018), најновиот производ на компанијата,  е тројната задна камера којашто првпат се применува на еден телефон од популарната серија Галакси.

Елегантниот дизајн е дополнет со голем број на премиум карактеристики и перформанси кои се типични за скапите Галакси паметни телефони, но уредот ќе се продава по многу попристапна цена. Самсунг Галакси А7 (2018) работи со Андроид 8.0 Орео.

Новиот паметен телефон има шестинчен Супер АМОЛЕД дисплеј со Фул ХД плус резолуција од 2220х1080 пиксели и се напојува со осумјадрен процесор со брзина од 2.2 гига херци, информира „Андроид Ауторити“.

Целосната големина на Самсунг Галакси А7 (2018) е 159.8х76.8х7.5 милиметри со тежина од 168 грама. Корисниците ќе можат да избираат помеѓу конфигурациите кои нудат 4ГБ/ 6ГБ РАМ и 64ГБ или 128ГБ вградена меморија. Сепак, најинтересниот елемент на уредот е тројната камера во задниот дел.

Oсновниот сензор е со 24-мегапикселна резолуција и е надополнет од 8МП „Ултра вајд“ објектив со широк агол на гледање од 120 степени и 5МП (ф/2.2) „Деп Ленс“ камера.

Љубителите на селфи фотографии ќе можат да уживаат во предниот сензор од 24 мегапиксели. Функцијата „Интелиџент скен оптимајзер“ автоматски ја коригира бојата, осветленоста и контрастот за максимално реални и квалитетни слики.

Проблем за љубителите на паметните телефони, коишто би сакале да набават примерок од оваа серија телефони е тоа што се уште не е позната цената за европскиот пазар, каде што телефонот ќе биде достапен оваа есен.