Годинешното петто издание на „КРИК – фестивал за критичка култура“ продолжува утре (17 ноември) со онлајн предавање на германскиот политиколог Михаел Хајнрих на тема „Фетишизмот и секојдневието“.

По предавањето ќе се одржи и дискусија со Хајнрих, модератор ќе биде Артан Садику. Предавањето ќе се одржи во 20 часот на англиски јазик, со пренос во живо на официјалната фејсбук-страница на КРИК, на следниот линк: https://www.facebook.com/KRIKfestival/

Со ова предавање започнува третиот дел на КРИК 05, кој оваа година почна со својата програма во јуни. Во првиот дел гостуваа Франко Берарди Бифо, Џули Реше, Светлана Слапшак, Томислав Медак и Алфредо Саад Фиљо, додека пак во вториот покрај теориски излагања и дискусии на: Елизабета Шелева, Славчо Димитров, Станимир Панајотов, Артан Садику, Небојша Вилиќ, Јованка Попова и Натали Р. Павлеска, се одржа и проекција на фотографскиот филм „Сето време е сето време“ на Иван Блажев, како и концерт на „Кабадајас“.

Темата на овогодишниот КРИК е „Конечноста и кршливото општество – социјализам, слобода и секуларност“, инспирирана од книгата на Мартин Хеглунд „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“, којашто е преведена на македонски јазик и веќе излезе од печат во издание на „Контрапункт“.

„Многу често, Марксовата теорија за фетишизмот на стоки и капитал е погрешно сфатена како теорија за погрешна перцепција или погрешна свест. Во капитализмот, фетишизмот е реалност. Доколку нашата перцепција е точна и има практични последици во секојдневниот живот. Она што не е во ред е генерализацијата дека фетишистичките односи нужно постојат во секое општество. Во длабока општествена криза, иманентната ирационалност на фетишизираните односи може лесно да стане видлива. Ковид-19 произведува точно таква криза. Сепак, признавањето на ирационалноста на фетишизмот не го претставува крајот на приказната. Мораме да прашаме, кој е карактерот на тоа можно „здружение на слободни личности“, (Маркс) што ќе може да го надмине фетишизмот?“, пишува Михаел Хајнрих, најавувајќи го своето предавање на фестивалот КРИК.

Михаел Хајнрих е политолог во Берлин. Тој ги објавил „Вовед во трите тома на Марксовиот капитал“ (2012) и „Карл Маркс и раѓањето на модерното општество“ (2019), што претставува почеток на серија од четири тома за биографијата на Маркс и еволуцијата на неговите дела.

Постојани партнери на Контрапункт и на КРИК се: Мултимедијалниот институт „Мама“ од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Booksa (Културтрегер), Загреб, порталот Окно – okno.mk

„КРИК – фестивал за критилка култура“ е поддржан од: Allianz Kulturstiftung, Министерство за култур, Гете институт Скопје, Гете институт Брисел, Креативна Европа, Фондација „Отворено општество – Македонија“.