Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“ од 14 до 19 октомври ќе го организира второто издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Во рамките на фестивалската програма вечерва ќе биде отворена изложба на илустрации на доајенот на македонското сликарство Димитар Кондовски (1927-1993). Изложбата ќе биде отворена на 14 октомври во Национална галерија на РСМ во објектот „Мала станица“, а ќе биде организирана според протоколите за заштита од ковид-19. За време на настанот ќе бидат организирани повеќе работилници на кои деца на различна возраст ќе имаат можност да се едуцираат, да ги запознаат и да ги истражуваат ремек-делата на Кондовски.

Кондовски е автор на илустрациите на книгите „Зоки Поки“, „Колибата на чичо Том“, „Белото циганче“, „Алиса во земјата на чудата“…

Кондовски (1927-1993) имал грандиозна творечка кариера како сликар, сценограф, дизајнер, дописен член на МАНУ, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Тој се смета за еден од најзначајните фигури за развојот на македонското современо сликарство во 60-тите години на минатиот век.

Културата е еден од најзначајните елементи за развој на здраво општество. Таа мора да постои и да функционира во сите прилагодливи форми. Во моментов, светот се соочува со многу предизвици, но сметам дека токму уметноста е таа што може да ни помогне да ги надминеме емоционалните аспекти на кризата. Искрено, се обидуваме да поттикнеме развој на квалитетна литература за деца, и од визуелен и од содржински аспект, бидејќи децата од мали нозе треба да научат што е вистинска уметност и како да ја препознаат – истакнува Софија Семенпеева, директорка на „Ефектива“.

Директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими, истакнува дека ѝ претставува особено задоволство што оваа институција ќе биде домаќин на Фестивалот, особено во однос на изложбата на еден сегмент од творештвото на великанот Димитар Кондовски, што е посветен на најмладите.

Во својата грандиозна творечка кариера како сликар, сценограф, дизајнер, дописен член на МАНУ, професор на ФЛУ, Кондовски е една од најзначајните фигури за развојот на македонското современо сликарство во 60-тите години на минатиот век, а изложбата на илустрации е соодветен вовед кон ретроспективната изложба на Кондовски што ја подготвува Националната галерија.