Со презентирање на новата иновативна терапија составена од биолошките лекови, од неодамна присутни и во Македонија и под мотото „Има живот и после ракот, научи како да го живееш” се одржа дванаесеттата годишна Национална конференција за рак на дојка. И оваа година, од говорниците беше испратена силна порака до сите жени дека превенцијата, раното откривање и редовните прегледи е основниот и првиот чекор во борбата против ракот на дојка.

Иновативната терапија во форма на биолошките лекови што од неодамна се достапни и за пациентите во Македонија, ги претставуваат европските и светските тенденции во онколошкиот третман, истакна министерот за здравство, Венко Филипче.

„Создавање здравство за сите граѓани е главен приоритет на Министерството за здравство. Во тој контекст правиме сѐ, онколошките пациентите што подобро и побрзо да го надминат тој тежок период. Набавката на иновативната, биолошка терапија, што се практикува веќе насекаде, претставува значаен чекор и најсилниот удар во борбата против ракот, вклучително и ракот на дојка. Со централизирана набавка се обезбедени над 30 молекули скапа биолошка терапија која не е на позитивната листа на лекови, за да им биде достапна на пациентите во болниците. Достапноста на иновативната терапија значи можност пациентот навремено да добие соодветна дијагноза, третман и грижа за своето заболување. Се внимава и се воведуваат најсовремените дијагностички и терапевтски пристапи, како двојното читање на мамографиите од два независни читачи-радиолози кои имаат искуство во читање на мамографии од минимум 800 пациенти а мамографскиот скрининг се организира согласно Европските насоки за обезбедување квалитет со цел максимално да се зголеми стапката на детекција на ракот на дојката и тоа во најраната можна фаза“, истакна министерот за здравство Д-р. Венко Филипче.

Покрај министерот Филипче на конференцијата говореа, Ден Дончев, директор на Фондот за здравствено осигурување, д-р. Нино Васев, специјалист онколог, директор на Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија, д-р. Мери Пешевска, специјалист онколог на Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија, д-р. Спец. Горан Кунгуловски, Био Инженеринг, раководител на лабораторија за генетика и пресонализирана медицина при Жан Митрев Клиника, Тања Спаниќ, претседател на Еуропа Дона од Словенија и Биба Додева, претседател на Здружението Борка.

Здружението БОРКА – за секој нов ден, веќе 12та година како полноправен член на најголемата европска асоцијација Еуропа Дона (Еуропа Дона Македонија), ја организира Национална конференција за борба против ракот на дојка во Македонија и со тоа и Македонија е дел од глобалната светска акција.

„Уште од формирањето во 2007 година па сè до денес, БОРКА активно учествува и се бори за остварувањето на правата на пациентите во здравствениот систем, врши едукација и подигање на свеста за ракот како болест која е можно да се излекува, дава психо-социјална помош и поддршка на пациентите заболени од рак и нивните семејства, лобира за подигнување на стандардот и третманот на пациентите заболени од рак во Македонија и се грижи за нивна ресоцијализација и реинтеграција во системот. Во тој контекст достапноста до новите ефикасни терапии кои даваат можност за излекување, овозможуваат подобар квалитет и го продолжуваат животот на пациентите е она кое се стремиме да го добиеме и за кое министерот Венко Филипче, заедно со директорите на ФЗОСРМ, последниве години имаа слух и овозможија набавка на голем број современи третмански опции. И после ракот има живот, и заедно со релевантните институции во иднина ќе се бориме да го овозможиме тоа за сите пациенти”, изјави Биба Додева, претседателка на здружението за борба против рак БОРКА за секој нов ден.

Согласно податоците од Светската здравствена организација, ракот на дојка е најфреквентен тип на рак кај жените во светот, во Европа е со инциденца од околу 500,000 случаи годишно а проценката е дека во Македонија, според истражувачката агенција Глобокан, во 2019 година ќе има околу 1200 ново дијагностицирани случаи годишно, од кои околу 850 само во државните клиники. Тоа значи дека секој ден во нашата држава ќе се дијагностицираат по три до 4 жени од овој малигном.
Во европски рамки 20-30% од случаите на рак на дојка се јавуваат кај жени помлади од 50 годишна возраст а 33% кај жени од 50-64 годишна возраст. Карциномот на дојка е најчестиот тип на канцер кај жените а смртноста од овој вид карцином е на прво место кај жените.

Бидејќи, според СЗО во земјите каде што има имплементиран скрининг, морталитетот може да се намали до 35%, во нашата земја беше започнат скринингот но овој период се реоформуваат групите и дијагностичките места, со оптимизам дека наскоро ќе почне да функционира бидејќи раната дијагностика спасува живот.