Свети Никон беше родум од Неапол. Татко му беше незнабожец, а мајка му христијанка. Таа и го воспита во Христовиот дух.

Како помлад тој беше офицер во римската војска, а подоцна ја напушти војската и се повлече во еден манастир при кизичкиот епископ Теодосиј, во Азија.По смртта на Теодосиј, неговата катедра ја наследи Никон. Подоцна Никон се пресели на Сицилија заедно со девет свои другари уште од војската и таму многумина привлече кон Христа.

Беше погубен, заедно со своите 199 ученици, во времето на прогоните на императорот Декиј. Единствената вина на овој славен и беспрекорен маж беше неговата силна и цврста вера во Христа.