По објавувањето на резултатуте од Годишната програма на Министерството за култура на социјалните мрежи се појавија низа реакции. Билјана Црвенковска, која е автор на бројни книжевни дела за најмладите во својата реакција прашува кои се навистина приоритетите во стратегијата на Министерството.
Нејзината реакција ја објавуваме во целост.
Кутрото сираче – книжевноста за деца
Уште на почетокот на мандатот на Роберт Алаѓозовски како министер за култура, кога се дискутираше за тогашната нацрт стратегија за култура, бевме повикани на дебата од страна на министерството. Дебатата не беше особено конструктивна, зашто некои од нашите колеги издавачи се фаќаа за дрвјата, а не сакаа да ја видат шумата, но уште тогаш поставив едно прашање.
Прашањето се однесуваше на една точка во стратегијата – приоритет на книжевноста за деца. Прашав на што се однесува таа точка и што точно подразбира зборот „приоритет“? Дали се однесува на квантитет или на квалитет, оти е сосема различно. Дали конечно ќе почне да се препознава добрата книжевност за деца и колку таа чини да се создаде. Со ова второво мислам на конкретни средства да се финансираат хонорари за двајца подеднакво вредни автори (авторот на идејата и текстот и авторот на илустрациите), да се плати печатење на книгата кое обично чини двојно одошто да испечатиш роман од 250 страници (или дури три пати повеќе одошто да испечатиш збирка поезија). Каде е тука дизајнерот (мора да го има), а дизајнот не подразбира само обично редење текст. Тогаш верувам дека некои од присутните (и од колегите, и од министерството) ме разбраа што прашувам и се согласија со мене.
Сепак, и покрај тоа што годинешниве резултати од конкурсот на Министерството за култура покажуваат дека книжевноста за деца е доволно застапена, таа повторно не е вреднувана на соодветен начин (квалитативно, не квантитативно). Да појаснам: првенствено, ставена е на крајот на табелата, издвоена од другите книги, како кутро сираче. Дополнително, средствата кои се доделувани за книгите за деца се двојно помали одошто оние за роман или за збирка поезија. Верувам дека добар дел од бројните одобрени книги за деца и не треба да добијат повеќе од тие средства, но она што ме поразува е континуираното потценување на уметничката вредност на оваа книжевност, што е присутно не само кај оние што ги даваат средствата (во овој случај Министерството и конкретните членови на комисиите што одлучуваат за тоа), туку и кај колегите писатели. Да не заборавиме дека имаме само една награда за книжевност за деца, тоа е Ванчо Николески, а немаме воопшто никакво вреднување за трудот на илустраторите.
Трето, од доделените средства (речиси идентични кај сите издавачи) не се прави разлика помеѓу форматот и спецификацијата на книгата (исти средства добиле книги со тврд и мек повез, со 40 и 80 страници во боја), помеѓу тоа дали авторот и илустраторот се веќе искусни во областа, и секако, дали темата која ја обработуваат и самиот текст имаат посериозна книжевна вредност и се дефицитарни како тип на литература или пак се (да цитирам еден пријател) уште една приказна за кокошките на баба во дворот.
Повторно ќе речам, не се работи за квантитет, сметам дека се одобрени и повеќе книги за деца одошто, можеби, треба да се одобрат во една година. Прашањето е какви книги се одобрени (а какви не, оти знам за неколку одлични, оригинални изданија – не само во Чудна шума, туку и кај други издавачи – што не се најдоа на листата), како се вреднувани и зошто се сите вреднувани речиси исто. Зошто и понатаму книжевноста за деца е кутрата Пепелашка оставена настрана?
Се надевам дека некој ќе го прочита ова и дека ќе го земе предвид за следниот конкурс, и при формирањето на комисијата (да се избере барем еден член кој е во тек со книжевноста за деца, а ги разбира и продукциските трошоци за овие книги) и при вреднувањето на книжевноста за деца, но и дека ќе се потегнат дебати и меѓу писателите и меѓу издавачите на овие теми.
Кутрото сираче – книжевноста за деца
Уште на почетокот на мандатот на Роберт Алаѓозовски како министер за култура, кога…
Posted by Biljana Crvenkovska on Wednesday, February 24, 2021
Comments are closed for this post.