Со проекција на ремек-делата на Горан Стефановски, Драмскиот театар од денеска почнува со повеќе настани во сеќавање на големиот драмски писател, кој почина минатата недела на 66 години.
Драмски започнува со низа настани со кои ќе се потсетиме на ремек-делата на нашиот Горан Стефановски“, соопшти театарот каде беа поставени најголем дел од неговите драми.
Вечерва во 19 часот ќе има проекција на претставата „Диво месо“ од 1979, во режија на Слободан Унковски. Модератор на настанот е драматургот Александра Бошковска.
В понеделник во 19 часот, ќе има проекција на претставата „Дупло дно“ (1984) во режија на Унковски, а модератор е Мишел Павловски. Влезот за проекциите е бесплатен.
Од Драмски велат дека датумот за комеморација ќе биде соопштен по пристигнувањето на семејството на Стефановски во Македонија.
По реакциите во јавноста дека не се организираат настани во чест на Стефановски, кој е член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), ниту пак се прогласи ден на жалост, ниту на телевизиите се пуштија негови драми, Драмски театар е прва инстутуција која соопшти дека се планираат настани во чест на големиот автор.
Стефановски е автор на легендарните, популарни и на над 20 јазици преведени драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат. Неговата соработка со режисерот Слободан Унковски, од 1980-те па со децении натаму, создаде претстави кои беа во врвот на театарската уметност во регионот.
Стефановски почина во Велика Британија каде живееше изминативе две децении. Семејството соопшти дека телото на Стефановски ќе биде биде кремирано на 5 декември во Кентербери, Англија, а по негова желба пепелта во пригодна прилика ќе биде расфрлана во водите на Охридското Езеро.
Comments are closed for this post.