Во издание на „Бата прес“ на македонски јазик е објавен романот „Божји град“ од реномираниот бразилски писател Пауло Линс. Автор на преводот е Весела Моловска, а објавувањето е со поддршка од Министерството за култура и од бразилското Министерство за надворешни работи.
Станува збор за врвен роман, објавен 1997 година, според кој во 2002 година, е снимен истоимениот филм, кој што во 2004 година беше номиниран за Оскар. Трилер сторија, која ја отсликува суровата реалност од животот на улиците во Бразил. Божјиот град е еден од најсиромашните квартови во Рио. Таму постојано се одвиваат вооружените пресметки на бандите. Сепак тоа е и местото каде што самбата се игра до зори, каде што блескаат најубавите жени… Се разбира, се игра и фудбал. Тоа е опкружувањето од каде што едно младо момче сака да избега и да стане професионален фотограф…
„Божји град“ е долга, трагична приказна, во која мајсторски е раскажана приказната за животот и пресметките на гангстерите и водачите на бандите. Таа е базирана на долгогодишно истражување и потсетува на вистински настани.
Авторот Пауло Линс (Paulo Lins), роден 1958 година, информациите ги има од прва рака, затоа што и самиот е роден и израснал во тој простор, а во творештвото, покрај другото, пишува и се бори против расизмот во бразилското општество. Покрај овој роман, најпознати дела му се Sobre o Sol (За сонцето) објавено во 1986 година и Desde que o Samba é Samba (Бидејќи самбата е самба) од 2012 година.
Comments are closed for this post.