Од 25-27 септември во Струга, во организација на Сојузот на композиторите на Македонија,  ќе се одржи 44 издание на музичко – научната манифестација „Струшка музичка есен“, на тема  МУЗИКАТА ВО/НИЗ ПРОСТОРОТ И ВРЕМЕТО.

Процесот на повеќе децениската традиција на оваа манифестација за континуирано презентирање на новите научни сознанија за македонското поблиско и подалечно музичко  минато, и оваа година продолжува со презентации на трудови и теми од областа на медиевистиката, музикологијата, етномузикологијата, танцовата уметност, педагогија, музиката и медиумите, со учество на повеќе истакнати истражувачи.

Вака широко поставената тема создава можност за дијалог со музичкото творештво создавано во поблиското и подалечното минато. Потрагата на музиколозите по музичкото творештво од минатото може да прерасне во продолжителна нишка и инспирација на музичките творци од генерациите што следат.

Овој широк дијапазон на процеси во развојот на музичката уметност од разни временски периоди зафаќаат и актуелни прашања од музичкото совремие, како што се: формите на музичкото образование, влијанието на одредени школи, правци и тенденции во музичкото творештво, корелацијата со другите уметности, квалитетот на музичките содржини и стилските карактеристики на нивните изведби и др. Начините на чување на музичките оставнини на композиторите, формите и методите  за реконструкција на творештвото на музичките уметници, заштитата на музичкото културно наследство се исто така дел од овој развоен процес на музичката уметност.

Во оваа насока конференцијата промовира истражувања и оригинални пристапи за досегашните достигнувања и идни текови на музичката култура, во областите на: медиевистиката преку осврти кон ракописите и печатените изданија на македонски црковно – музички дејци; музикологијата и представувањето на животот и делата на македонските композитори, музичкиот живот во Македонија и употребата на архивски практики при обработката на творештвото на македонските композитори; етномузикологијата со презентација на трудови кои се однесуваат на фолклорната традиција во Македонија и методи и форми за зачувување на истата, анализа на музичките дела – стилски насоки, употреба на композиторски техники, хармонија, музички форми и др.; осврти кон интерпретацијата на одредени дела во минатото и денес; развојот на музичкото образование, музичките содржини во печатените и електронските медиуми и осврти кон  танцовата уметност во Македонија.

Како и секоја година, во рамки на конференцијата ќе ги одбележиме  јубилеите на македонските творци: Властимир Николовски (95 години од раѓање), Томислав Зографски  (20 години од смртта) и  Томе Манчев (70 години од раѓање).

Конференцијата е структуирана во сесии со физичко присуство и електронски сесии преку платформата Зум.