Согласно здравствените протоколи за спроведување на мерките за заштита од КОВИД-19, Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, најавува дека оваа година по 21-ви пат ќе се одржи традиционалниот фестивал „Есенски музички свечености“.
Овогодишното издание на Фестивалот целосно ќе биде посветено на домашните уметници со желба да дадеме конкретен придонес да дадеме можност повеќе за нивно претставување пред публиката. Во програмата која Дирекцијата за култура и уметност на Скопје ја има подготвено планирани се настапи на државните институции, како и повеќе камерни концерти. Целосната реализација на програмата сепак ќе зависи од тоа како ќе се развива здравствената состојба во државата и според протоколите кои ќе бидат донесени од државните органи. Затоа, програмата ќе биде сукцесивно и навремено објавувана во текот на месец ноември, велат оттаму.
Официјалното отворање на „Есенски музички свечености 2020“ ќе биде одбележано со Гала оперскиот концерт на Националната Опера и Балет на 4 ноември со почеток во 20:00 часот.
На концертот ќе настапат солистите, хорот и оркестарот на НОБ под диригентската палка на Иван Еминовиќ.
Следниот настан кој го најавуваме е концертот на Гордана Јосифова Неделковска – обоа, со гостите Влатко Стефановски – гитара, Страшо Темков – флејта Елена Атанасовска – Ивановска – пијано и Инес Неделковска – пијано. Концертот ќе се одржи на 6 ноември, во салонот на Националната Опера и Балет, со почеток во 20:00 часот.
Во оваа прилика сакаме уште еднаш да потенцираме дека при реализацијата на концертите ќе се почитуваат пропишаните протоколи за одржување на ваквите настани, информираат од Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.