Ние сме мали, но многу значајни, всушност многу големи, да си помогнеме себеси за да ни биде поубаво и да не почитуваат уште повеќе останатите. По музика, дали од Шпанија, Латинска Америка а вака сега и од Македонија праќаме една прекрасна порака во светот дека ние сме тука, дека постоиме и сме рамноправен и важен дел од нив, изјави синоќа пијанистот со светски глас Симон Трпчески кој во арената „Борис Трајковски“ во Скопје прослави 25 години уметничка кариера.

Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, г.г. Стефан, претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, министерот за култура Зоран Љутков со сопругата, личности од јавната сцена, но и соученици од скопското основно училиште „Љубен Лапе“, од Музичко-балетскиот училишен центар „Илија Николовски – Луј“, колеги од Факултетот за музична уметност беа гости на концертот на кој се славеше љубовта, жената, убавината, страста за животот.

Концертот беше најавен како новогодишна латино-музичка идила.

Благодарам на сите значајни луѓе кои се вечерва овде и кои нѐ поддржавте за заедно да ги почнеме последните денови од 2025 година Да нѐ има уште многу 25-ки и 50-ки и да се множат успесите на сите квалитетни луѓе, рече синоќа еден од најголемите амбасадори на македонската култура во светот, маестро Трпчески.

Концертот, најавен како музички спектакл посветен на 25-годишнината од уметничката кариера на Трпчески почна со македонска премиера на „Шпанска рапсодија“ на Кристобал Халфтер, а заврши со „Тоска оро“ во аранжман на Панде Шахов, кој специјално за концертот дојде од Лондон. На концертот диригирше Сашо Татарчевски, настапи ансамблот „Македонисимо“, оркестарот на Националната опера и балет и гостите Дарко Багески и Дејан Милевски на гитара, Паскал Краповски (виолончело), Петре Јованов (хармоника) оперскиот пејач Иван Наумовски, Андријана Јаневска, ќерката на Трпчески, Лара. Гостите уживаа во музика од Шпанија, Латинска Америка и од Македонија.

Светски познатата божикна песна „Фелиз навидад“ ја испеа Лара Трпческа, и се придуржија и со Иван Наумовски и Андријана Јаневска, а публиката ги награди со бурен аплауз. Јаневска се појави уште еднаш на сцената со „Бандидо“, евровизискиот хит на Шпанија од 1990 година.

Концертот го оргранизираше „Прагма продукција“ во соработка со Националната опера и балет.