– Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани продолжува денеска во судницата во Идризово откако на изминатото рочиште одбраната на дел од обвинетите  ја оспори обвинителната постапка, оценувајќи ја како нецелосна и без конкретни докази за индивидуални дејствија

Случајот, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, се води под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинетите, роднини на жртвите и бројни новинари.

Досега воведен збор, покрај обвинителството, даде одбраната на првообвинетиот сопственикот на дискотеката Дејан Јованов, сопственик на ММММ Кафе, Митко Стојанов, обезбедувачот Стојанчо Димитриев и Гроздан Милковски, сопственик на објектот. Дел од обвинетите во воведните говори, ја оспорија основаноста на обвинението.

Воведен збор имаше и одбраната на поранешниот градоначалник Ратко Димитровски која истакна дека обвинението претставува преседан во правната практика, особено во делот на утврдување на причинско-последична врска. Според нив, тој не само што немал намера или умисла, туку бил единствениот кој реагирал и поднел барање за неиздавање дозвола за работа на дискотека или кабаре уште пред објектот да започне со работа.

Одбраната на поранешните градоначалници Николчо Илијев и Љупчо Папазов нагласи дека постапката се води врз основа на нецелосна истрага и без обезбедени факти кои директно ги поврзуваат со катастрофата. Бранителите посочија дека нивните клиенти постапувале согласно закон и прописи, дека одговорноста за надзор и регулатива е во надлежност на стручните служби, и дека неправедна осуда би претставувала „втора трагедија“.

Додека, одбраната на обвинетите градежни инспектори во случајот „Пулс“ во воведните говори од денешното судење нагласија дека „причината за трагедијата не е поради градежни пропусти на структурата на објектот“ и дека инспекторите „не можеле да постапат бидејќи немало пријава или наредба за инспекциски надзор“. Сите изразија жалење и сочувство на семејствата на починатите лица.