Заврши доказната постапка во случајот за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, каде првообвинет е Љупчо Палевски – Палчо, заедно со Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски. Судењето продолжува на 2 јуни со завршини зборови на Обвинителството.
На денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје беа изведувани дополнителни докази од страна на одбраната на обвинетите Палевски, Видевски и Ѓорчевски, додека одбраната на останатите двајца обвинети Манев и Кешишев не предложи докази во дополнението на доказната постапка.

Првообвинетиот Љупчо Палевски најпрво приговараше на образложението на Основното јавно обвинителство во врска со сметањето на времето. Според него, времето од снимките во дворот на Велибор Манев кои претходно ги изведе Обвинителството пред Судот, не се во реално време иако биле вештачени и потврдени од МВР Форензика.
— Приговорот се однесува на образложението на ОЈО во врска со зимско и летно сметање на време, заборавајќи дека доказот од дворот на Велибор Манев е изведен, но сега се обидува да го негира сопствениот доказ, вештачење кое дополнително од Судот беше внесено како доказ во судската постапка … Првиот доказ кој го приложувам е во директна врска со видеото од дворот на Велибор Манев дека не е реално времето. На Судот му доставувам податок од веќе изведен доказ, извештај од телефон каде на 21 ноември 2023 година во 18:20 часот СМС порака, уште една по две секунди и трета порака во 20 часот. Се работи за моето возило Фиат добло, а не Рено кангу. Ова предлага на околност на поместување на времето во видеото од дворот на Велибор Манев, значи дека јас сум пристигнал пред вратата во дворот во 21:00 часот, а не во 22:00 часот како што беше презентирано. Проблемот на ОЈО е тоа што пораките не се на Град Скопје, туку на Општина Центар, за Фиат добло бела боја. Тоа значи дека најмалку ми требаат 15 минути да отидам до штабот да го земам Реното кангу, да облечам шушкавец Адидас и да се упатам кон куќата на Велибор Манев, рече Палевски.
Вели несериозно е слободно да се толкува времето и да се поместува, уште повеќе што судењето е во фаза на дополнителна постапка. — Поместувањето на времето во веќе изведен доказ со вештачење од МВР форензика врз кој Судот донесе решение дека Палевски се гледа во видеото е несериозно сега да се поместува времето со слободно толкување во дополнителна постапка спротивно од вештачењето кое го предложивте како доказ, рече Палевски.
Обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска се противеше на изведување на предложениот доказ, бидејќи како што рече, обвинетите не користеле мобилни телефони, туку радиоврски и мотороли.
— Обвинителството се противи на изведување на овој доказ, токму поради што пораката се однесува на Фиат добло, а не на Рено кангу, особено што ОЈО изведе доказ дека обвинетите не користеле мобилни телефони, туку радиоврски и мотороли, рече Стојковиќ Димитровска.
Палевски, исто така, приложи извод од Халк банка дека на критичниот ден од неговата Виза бизнис дебитна картичка имал извршено плаќање на бензинска пумпа Макпетрол во Скопје.
— Следниот доказ е за истата околност, се работи за, ќе кажеме грешка на ОЈО, предлогот е извод од одземена картичка на Палевски – Виза бизнис на Халк банка со бр. 4460950071942925 и извод од банка од истата картичка. Користам само еден податок, а тоа е дека на критичниот ден на бензинска пумпа Макпетрол со број 062 Палевски плаќа гориво неколку минути после полноќ. Ова кажува на тоа, не Фиат или Рено, туку мое лично дејствие за плаќање гориво во Скопје, а не во Велес, рече Палевски.
Нагласи дека доказот изведен од страна на Обвинителството, кој се однесува на трансакциите направени од неговата картичка, се анализирал од 25 ноември до 2 декември и го исклучува критичниот ден 22 ноември.
— Доказот кој беше изведен од страна на ОЈО, почнува да се анализира од 25.11 до 2.12, односно извештајот почнува од 25.11.2023 и се наведени сите трансакции на оваа картичка до 2.12.2023, тогаш зошто Обвинителството почнало да проверува од 25-ти, а не од 22-ти на критичниот ден. На 22 ноември постои плаќање од мојата картичка на Макпетрол со број 062 во Скопје, посочи Палевски.
Адвокатот на третообвинетиот Боре Видевски, Бојан Манев, предложи да се изведат како доказ видеоснимките од бензиските пумпи Макпетрол и Лукоил во Велес, за кои тврди дека на нив се гледа како Панче Жежовски е жив на 22.11.2023 година околу пладне, додека според тврдењето на Обвинителството, Жежовски е убиен околу 9:30 часот.
Манев предложи да се изведе како доказ видеозапис од камери од улицата „Академик Пенчо Влашев” за периодот од 22 ноември 2023 година во 6:30 часот до 24 ноември 2023 година во 6:30 часот, на што обвинителката посочи дека биле обезбедени снимки и истите презентирани во судницата, по што адвокатот Манев го повлече барањето.
– Предлагам како доказ да се изведе видеозаписот од камери од улицата Академик Пенчо Влашев за периодот од 22.11.2023 во 6.30 часот до 24.11.2023 во 6.30 часот. Ова го барам на околноста што дел од споменатата улица се наоѓа точно на рутата на движење на Реното кангу. Доколку Кангуто се движело во тој период кон куќата на Манев, мора да било снимено, вели Манев.
До Судот беа доставени нови докази и од страна на одбраната на таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски. Како што посочи неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ, со нив се докажува лицето, корисник на телефонски број со кој Александар комуницирал во критичниот период од 27 ноември до 3 декември 2023 година.
— Во дополнение на доказна постапка се изведуваат: Потврда број од 14.04.2025 година на Здружение Хопс Скопје, со која одбраната докажува дека корисник на телефонскиот број е Дарко Костовски, доктор, психијатар од Градска болница „8-ми Септември“. Фактура број на име Дарко Костовски како сопственик, а со ова одбраната докажува дека Александар Ѓорчевски, во критичниот период од 27.11.2023 до 03.12.2023 има остварено телефонска комуникација и овие докази се во корелација со веќе изведените докази, рече Туфегџиќ
Comments are closed for this post.