Случајот со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, кој ја потресе Македонија не оди кон скора завршница. Јавноста веќе го осуди Палевски како сторител на двете убиства. Но, едно е јавност а друго се доказите кои засега ги нема или се многу тенки.

Досега ниту еден од сведоците не понуди доказ за тоа дека Палевски ги убил Вања и Панче, иако е сосема сигурно дека тој ја предводел групата во која се и останатите обвинети. Но, дали ја убил на така свиреп начин како што раскажа полицискиот инспектор ќе покаже понатамошниот тек на судењето.

На почетокот на процесот обвинителката рече дека поседуваат несоборливи докази дека Палевски е сторителот и дека од таткото на Вања дознал дека кобниот ден таа сама ќе оди на училиште, Но, засега таков доказ, пишан или пак телефонски разговор меѓу нив не е презентиран пред судот.Згора на тоа Палчо и Александар велат дека не се познаваат.

И најважното, досега не е пронајден пиштолот од кој Палевски наводно пукал во Вања и Панче.

Пропусти во истрагата има многу. Да почнеме со ред. Се сеќавате на онаа филмска прес конференција во МВР кога беше објавено дека Палевски е уапсен и кога тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски во улога на инспектор одговараше на прашања.

На прашањето дали се земени парафински ракавици на осомничените тој избегна одговор и неуверливо рече дека е направено се што било потребно.

Со други зборови ги ослободија од одговорност за пукање без да обезбедат докази.

Полицијата, но и Обвинителството засега нема одговори и кој е конкретниот мотив да се убие Панче Жежовски.Не држи вода дека го убиле само да му ја земат колата со која подоцна е грабната Вања.

Треба да си навистина наивен да поверуваш дека без никаков страв ќе возиш автомобил кој згора на тоа е пријавен дека го нема неколку денови низ Скопје кога градот беше преполн со полиција поради самитот на ОБСЕ.

Целосен пресврт во овој случај може да донесе вчерашната писмена изјава на Влатко Кешишов, еден од обвинетите. Тој си ја поби првичната изјава дека Палчо ги убил Панче и Вања. Кешишев сега вели дека Велибор Манев а не Палевски е сторителот на двете убиства.

По сево останува прашањето дали јавноста по кој знае кој пат е публика на добро режирана театарска претстава?