Стојанче Јовановски, сопруг на 31-годишната жена, која заедно со своето 6-годишно дете падна од балкон во Карпош, имал 10 пријави за насилен криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога. Иако имало повеќе пријави за семејно насилство, жената ги повлекувала, што било случај и дента пред да се случи трагичниот настан. Истиот ден околу 12 часот полицијата постапила по пријава за насилство, но таа изјавила дека се работело за недоразбирање, кое го решиле по мирен пат. Тие биле во процес на бракоразводна парница. Сопругот е приведен и против него ќе бидат поднесени кривични пријави за наведување на сторување самоубиство, нанесување телесни повреди и загрозување на сигурноста.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната прес-конференција појасни дека пред падот имало расправија меѓу сопружниците и интервенција на полицијата по пријава за насилство.

– Според досегашните утврдени факти, настаните на 2 март 2026 година имале претходница, која е предмет на детаљна анализа. Истиот ден е примена пријава поврзана со расправија меѓу сопружниците. По приемот на пријавата, полициски службеници биле упатени на самото место и во 12.19 часот пристигнале на наведената локација. На самото место бил извршен разговор со Ивана, при што таа изјавила дека нема физички контакт меѓу неа и сопругот, дека се работело за недоразбирање, кое го решиле по мирен пат, и дека не бара полициска интервенција, ниту поведување каква било постапка. Дополнително, таа навела дека брачните односи ги решава преку разводна постапка и дека ќе ги регулира по институционален пат – рече Тошковски.

Тој додаде дека кај неа не биле констатирани видливи повреди, но оти ќе се истражува под какви околности била дадена таквата изјава.

На службената полициска белешка се потпишала починатата. По ова, жртвата заминала и се упатила кон станот на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов број 10/96, каде што во 14.10 часот од страна на случаен минувач е пријавено дека од зграда на булевар жена со дете паднале од балкон. Министерот Тошковски појасни дека е направен увид, пронајден е мобилниот телефон и истакна дека сите комуникации и настани се документираат и ќе бидат предмет на анализа за овој случај. Кога пристигнала полицијата, станот бил заклучен од внатре и во него немало никој.

Тој вели дека изминатите години од страна на СВР Скопје се поднесени вкупно 10 кривични пријави против сопругот Јовановски во делот на областа на насилен криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога.

– Во декември 2025 година, по лишување од слобода за кривично дело по член 215 од КЗ за трговија со дрога бидејќи кај него биле пронајдени 20 пакувања со дрога, тој бил лишен од слобода, при што МВР  почнало брза постапка и доставило кривична пријава до надлежен јавен обвинител – вели Тошковски. Но додаде за него биле побарани и изречени мерки на претпазливост.

Според него, покрај овие пријави, лани и оваа година биле евидентирани повеќе пријави за нарушени меѓучовечки односи и физички напади помеѓу сопружниците.

– По секоја пријава, полицијата постапувала, се преземале мерки во согласност со законот, кои се целосно документирани. Но, во сите наврати пријавите биле повлекувани од страна на оштетената, односно таа се откажувала од водење понатмошни постапки – изјави Тошковски.

Потенцира дека сите случаи, кои биле затворани, вклучително и овој, биле поради повлекување на изјавите на жртвата. Затоа нагласи треба да се работи на подигнување на јавната свест и кај жртвите, но и кај оние што се сведоци на семејно насилство. Позитивен импулс во решавање на ваквите случаи, според министерот, е новиот закон, кој стапил во сила пред еден месец, кој овозможува полицијата да постапува и покрај повлекување на пријавата од страната на жртвата доколку кај неа има констатирани повреди.

Полициските службеници во вакви случаи може да постапуваат по службена должност и поради ова, како што истакна, има зголемување на поведени случаи по брза постаока, но и изречени притвори.

– Од 2024 година, кога биле пријавени 213 случаи на насилство, само еден завршил со притвор, а во 2025 од 224 случаи, за 51 било постапено по брза постапка, а 17 завршиле со притвор. Годинава пак, досега има евидентирано 28 случаи, за 12 е постапено по брза постапка, а пет завршиле со притвор, информира Тошковски.

Најави дека во иднина ќе се формира посебно одделение кое ќе се занимава со вакви случаи, но и оти на информативен разговор ќе бидат повикувани сите за кои ќе има пријава за семејно насилство