Земјоделците бараат поголема флексибилност и поддршка низ целиот процес на аплицирање за ИПАРД средствата.
Како што беше речено на денешната трибина во Прилеп што ја организира „Рурална коалиција“, за поголема искористеност на ИПАРД средствата неопходна е поголема информираност на земјоделците.
Како што рече извршниот директор на „Рурална коалиција“ Лилјана Јоноски, за 2019 година од ИПА програмата се обезбедени 15 милиона евра за земјоделството и руралниот развој. До 2020-та, пак, македонија може да повлече скоро 100 милиона евра – 60 милиони од ИПАРД 2 и уште 36 милиона евра од структурните фондови.
За периодот 2021 – 2027 година буџетот за цела ЕУ изнесува 375 милијарди евра од кои 40 проценти се за земјоделството и руралниот развој. Според Јоноски, досегашната искористеност на европските фондови е мала и главно, се должи на недоволната информираност на земјоделците.
Според нашите истражувања, од ИПАРД 1 имаме искористено само 27 проценти. Тоа е, пред се, резултат на немањето соодветни, детални информации и тие не допираат до секое село и рурална средина и до сите земјоделци за да може да аплицираат навреме и да имаат можност да ги подготват документите. Ова е една од главните пречки или предизвици кои треба да ги надминеме. Токму затоа се овие информативни кампањи. Низ процес на едукација и обука заедно со земјоделците, конкретно при пополнувањето на апликациите за ИПАРД и во постигнувањето дел од стандардите кои се бараат, да се зголеми искористеноста на средствата, нагласува Јоноски.
Земјоделците од Прилепско се согласуваат со овие констатации и бараат уште поедноставување на постапката за аплицирање.
Корисник сум на средства од европски фондови. Аплицирав пред три години и барањето ми беше одобрено. Искуството, главно, беше добро, со некои ситни проблеми. Многу е битно да има помош во секој чекор до конечното добивање на средствата. Тука треба да помогнат институциите и програмата може да се реализира многу подобро, вели земјоделецот Дејан Јовески од Кадино Село, Прилепско.
Треба да има поголема флексибилност во прибирањето на документите, да нема многу трчање. вели земјоделецот Благоја Наумоски од Кадино Село, Прилепско.
Ова е трета од 10-те трибини што ги организира „Рурална Коалиција“ со македонските земјоделци во рамки на информативната кампања „Зачекори напред – изборот е твој“ за придобивките и предизвиците во наредниот период со отоврањето на претпристапните преговори и поглавјето за земјоделскиот и руралниот развој.
Comments are closed for this post.