Здружението „Вина од Македонија“ се претстави како успешен пример на асоцијација од Југоисточна Европа на Конференцијата за вино во Стразбур, што се одржа на 16 април 2019. Претставници на „Вина од Македонија“ пред Комисијата за земјоделство на Европскиот парламент ги презентираа состојбите и плановите за унапредување на винската индустрија во регионот, со цел успешна интеграција во глобалната и европската економија.

Оваа конференција беше одлична можност да се слушнат фактите за производството на вино, моменталните трендови и навиките на потрошувачите во Европската Унија. Од друга страна имавме можност да ги истакнеме потенцијалите на македонската винска индустрија. Ја искористивме посетата на Стразбур за да побараме поддршка од присутните европарламентарци околу користењето на името на винскиот регион Македонија и координација на сите поврзани правни и стручни аспекти околу ова прашање во наредниот период, изјави Елена Младеновска – Јеленковиќ, извршен директор на здружението „Вина од Македонија“.

Во рамки на конференцијата беше организирана и студиска посета на вински подрачја во Франција и Германија, како и дегустација на вината од земјите учеснички од Југоисточна Европа.