Нацрт верзиите на Новиот закон за заштита на потрошувачите и на Стратегија за заштита на потрошувачите 2019-2023 година, кои имаат за цел да се подобри квалитетот на животот на граѓаните и да уживаат високи стандарди на заштита на потрошувачите, како и да ги следат политиките на Европската Унија, денеска беа презентирани во рамки на завршната конференција на ИПА – Проектот „Техничка поддршка за развој на политиките за заштита на потрошувачите“.
На конференцијата беше претставен и видео клип за заштита на потрошувачите кој од денеска е достапен на веб страницата на Министерството за економија и на consumer.mk.
Поглавјето 28 – Заштита на потрошувачи и јавно здравје има хоризонтална улога во креирањето на внатрешниот пазар или на единствен пазар за сите учесници во однос на спецификациите, одговорностите, обврските и надлежностите на институциите, економските оператори и граѓаните. Се движиме во насока на интеграција на заедничката политика за заштита на потрошувачите и корисниците на производи и услуги што е значајно за функционирањето на единствениот пазар особено во интерес на граѓаните, рече министерот Бектеши во поздравниот говор на завршната конференција.
Нагласи дека потрошувачите во рамките на единствениот пазар мора да уживаат исто ниво на заштита како и на националниот пазар. Производите што се нудат на пазарот, додаде, треба да бидат безбедни, а потрошувачите да ги имаат сите потребни информации за да направат добар избор.
Претставникот на Европската делегација во Скопје, Никола Бертолини посочи дека за 28-то поглавје треба да се транспонираат 19 директиви за што ќе бидат потребни многу заложби во претстојните години и додаде дека се сомнева оти националните институции според сегашната состојба имаат доволен персонал да го спроведат тоа.
Се работи за впивање на голем број на регулативи, инструкции, насоки,… Добро е што преку овој проект сега имате стратегија, но ќе ви треба долго време да ги имплементирате директивите. Важно е во првите пет години да се воспостави основата за фокусот и стратешкиот пристап. Ви препорачувам да има силно учество и вклученост на граѓаните и да има информативен канал отворен за сите чекори што се преземаат за подобра заштита на нивното здравје и права. Но, ништо нема да направите доколку нема контрола и инспекција и доколку нема зајакнување на капацитетите на контролните институции и инспекциите, рече Бертолини.
Тој порача дека поддршката од ЕУ ќе продолжи и по започнувањето на преговорите и потенцира дека заштитата на потрошувачите е во суштината на структурата на Европската Унија.
Comments are closed for this post.