Претседателот на Владата нЗоран Заев на денешната прес конференција по повод Предлог-законот за враќање на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните кој беше усвоен на последната седница на владата и доставен на усвојување во Собранието, одговараше на повеќе прашања на новинарите кои се интересираа за детали од мерката кои, истовремено е и од интерес на граѓаните.
Премиерот Заев нагласи дека со овој предлог закон, кој ќе се применува од 1 јули, започнува реализацијата на проектот „Мој ДДВ“, еден од најважните проекти од изборната програма и од Програмата за работа на Владата, како мерка во која се применети критериуми за да биде правична за сите, водејќи сметка да воспостави лимит за најбогатите 2% од граѓаните.
Посебно внимание во реализацијата на целиот проект им е посветена на оние граѓани кои од било кои причини немаат соодветен пристап до апликацијата „МојДДВ“ и за нив во канцелариите на УЈП ќе работат 80 волонтери кои ќе им помагаат да пристапат до апликацијата „Мој ДДВ“ и да го остварат правото на поврат на ДДВ на своите сметки. Во сите канцеларии на УЈП, дополнително ќе бидат поставени посебни компјутери кои низ едноставна постапка ќе им го овозможат ова право на граѓаните.
Во овој дел од прес конференцијата беше нагласено дека приходот стекнат од поврат на ДДВ-то не подлежи под ниту еден основ за оданочување, односно на тој приход нема да се плаќа данок на приход.
Парите што граѓаните ќе си ги добијат назад со оваа мерка, нема да има никакво влијание и на редовната исплата на социјалната помош за сите граѓани кои се стекнале со ова право, односно социјалната помош ќе продолжи да им се исплатува без разлика на дополнителниот приход од повратот на ДДВ
„Воспоставуваме врзан синџир на одговорности. Ако прометот на мало се покрие со фискални сметки, ќе се отклонат и голем дел од црните пари во трговијата и во работењето на големо. Очекуваме ефекти од оваа мерка во борбата против даночната евазија. Ако вкупниот приход на државата е 50 милијарди денари, 30 отсто евазија значи дека се губат околу 15 милијарди денари. Тоа се околу 250 милиони евра. Ако успееме 100 % да ја реализираме оваа мерка, тоа се 250 милиони евра повеќе во државната каса. Тоа се пари кои повторно ќе се вратат кај граѓаните во социјалата, во здравството, во образованието… Тоа е најдоброто сценарио, но секое друго сценарио кое ќе обезбеди повеќе од 3 милијарди денари, колку што е проекцијата на средства кои ќе им бидат вратени на граѓаните, е денар плус во буџетската каса. Јас сум уверен дека можеме многу повеќе“, истакна премиерот Заев на на денешната прес конференција по повод Предлог-законот за враќање на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните.
Comments are closed for this post.