Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, прими делегација на Бизнис конфедерацијата на Македонија предводена од извршниот претседател Миле Бошков.
Претставниците на Бизнис конфедерацијата на средбата презентираа модел за порамнување меѓу компаниите, односно за поефикасно решавање на прашањето на внатрешниот долг меѓу деловните субјекти, кој, со усогласување на системот меѓу финансиските институции надлежни за овие прашања, може во голема мерка да учествува во намалувањето на внатрешниот јавен долг.
Премиерот Заев и заменик-претседателот Битиќи ја поздравија оваа иницијатива на Бизнис конфедерацијата и истакнаа дека предлозите што доаѓаат непосредно од бизнис заедницата се секогаш добредојдени особено кога станува збор за унапредување на финансиското работење на компаниите.
Претседателот на Владата Зоран Заев потенцираше дека предлозите за усовршување на финансиското работење, како што е предлогот за поефикасно уредување на должничко-доверителските односи меѓу компаниите и меѓу нив и јавниот сектор, истовремено значи зголемување на даночната основица, нови приходи кои учествуваат во БДП на државата како и намалување на даночната евазија, и дека бизнис заедницата во Владата секогаш има конструктивен партнер за соработка кога станува збор за иновативни решенија во економско-финансиското работење.
Comments are closed for this post.