Да се зголеми трговијата меѓу двете земји, да се унапредат инфраструктурните врски преку железница и други сериозни инвестициски проекти во патната инфраструктура. Ова се заложбите кои произлегоа од средбата на компании од Стопанската и индустриска комора на Тирана со премиерот Зоран Заев и владините министри во Владата.
„Сакам да ја искористам приликата да ве охрабрам да ја зголемите трговијата, меѓусебното инвестирање, вие овде во Северна Македонија, ние во Албанија, и да соработуваме. Имаме голема можност за унапредување на меѓусебната економска и трговска соработка, рече премиерот Заев.
Како приоритет на Владата во однос на регионалниот бизнис развој, премиерот Заев го истакна унапредувањето на инфраструктурните врски помеѓу двете земји, преку железница и други сериозни инвестициски проекти во патната инфраструктура.
„Работиме на подготовката на барање на инвестиции и можности за железнички да се поврзуваме, буквално од пристаништето во Драч кон нашиот граничен премин преку железничка пруга од Кичево, која што сакаме да ја градиме, да доаѓа до Скопје, кон Софија и кон Црното море во Бугарија и Истанбул, со што комплетно би го отвориле Коридорот 8. Работиме на сериозни проекти кои што се инвестиции во патната инфраструктура и ќе помогнат многу во збогатување на инфраструктурната поврзаност со патишта меѓу двете држави. Имаме надеж дека некаде кон крајот на март или почетокот на април ќе го отвориме и првиот One Stop Shop помеѓу Албанија и Република Северна Македонија, каде што ќе го преполовиме времето на чекање на камионите, на стоките, па и на патниците. Тоа ќе значи дека во една канцеларија со една иста Царина ќе можат да се завршат сите документации кои што се важни за самиот проток на стоки, што се случува помеѓу нашите две земји“, истакна премиерот Заев.
Претседателот на Стопанската комора на Тирана, Николин Јака ја истакна потребата за заедничко делување во зголемување на производството, утврдување на комплементарните сектори, како планинскиот туризам во Северна Македонија и морскиот туризам во Албанија, елиминирање на сите бариери и создавање на клима на соработка и меѓусебна доверба.
„Се соочуваме со стареење на народот, имаме феномен на отселување на младите лица од нашите земји и тоа оди на штета на нашата земја, на економијата и на човечкиот капитал. Економијата е генератор на развојот на државата, затоа треба да го зголемиме нашето производство, да ги видиме кои се комплементарните сектори и да изготвиме стратешки план за претприемништво и стабилна економија за сите земји од Балканскиот регион, преку уште една развојна платформа за трите земји, Албанија, Косово и Северна Македонија. Постојат многу работи кои не поврзуваат за да имаме комплементарна економија со која ќе ги отстраниме дефицитите и многубројните пречки во Балканскиот регион и надвор од него“, рече претседателот на Стопанската комора на Тирана, Николин Јака.
Comments are closed for this post.