2021 е година и на новата македонска енергетика!, најави денеска Зоран Заев, при презентирањето на проектите и програмите од владината „Акција 21 – за европски стандарди дома!” за 2021 година.
Темелно ги следиме трендовите и политиките на ЕУ во поглед на енергетската транзиција и целта до 2050 година европскиот континент да има нула емисии од секторот енергетика. Ние сме дел од Европа, така и се однесуваме – одлучно се движиме кон енергетската транзиција. За новата енергетска иднина имаме и огромна поддршка од нашите партнери ЕУ, НАТО и САД, кои преку своите фондови и развојни агенции пружаат огромна поддршка – рече Заев.
Тој ги најави и проектите кои очекува да се реализираат наредната година:
Во 2021 година очекуваме реализација на проект со кој термоелектраната Осломеј ќе се замени со фотонапонска електрана. На местото на стариот рудник во РЕК Осломеј сега се градат капацитети за 10 мегавати, а ќе се изградат уште две фотонапонски електрани од по 50 MW. Проценетата инвестиција е околу 60 милиони евра.
АД ТЕЦ Неготино распиша оглас за изработка на Физибилити студија и во првата половина на 2021 ќе се оцени дали ќе се гради нова гасна електрана на истата локација по моделот на јавно приватно партнерство или ќе се продава АД ТЕЦ Неготино. Можната инвестиција е од 200 до 500 милиони евра со нови стотина мегавати зелена енергија
Дополнително обезбедени се грант средства за физибилити студии за три нови фотонапонски електрани со вкупен капацитет од 160 MW во РЕК Битола.
Во изминатата година успешно беа спроведени првите транспарентни постапки за доделување на премиум тарифи за изградба на фотонапонски електрани во вкупен инсталиран капацитет од 62,5 MW, од кои веќе неколку се пуштени во употреба. Во првиот квартал од 2021 ќе биде објавен нов тендер за дополнителни 60 MW фотонапонски електрани по истиот принцип. Инвестицијата е над 35 милиони евра.
Во текот на 2021 ќе започне изградбата на втората фаза од ветерниот парк Богданци 2, со кој ќе се зголеми инсталираната моќност на постојниот ветерен парк Богданци за 13.8 MW. Проценетата инвестиција е 21 милион евра.
Започнува реализацијата и на нови ветерни паркови во Богданци, Св. Николе, Демир Капија и во Дебрца.
Идната година и официјално започнува проектот изградба на гасовод помеѓу Македонија и Грција со кој ќе се обезбедат дополнителни количини на природен гас од други извори со конкурентна цена, со сигурност и безбедност во снабдувањето. Обезбедуваме гас од Азербејџан преку ТАП (Trans Adriatic Pipeline). Ова e клучен проект за енергетски – економски развој на Македонија. Инвестицијата само за интерконекторот со Грција проценета на 50 милиони евра, од кои 10 милиони се грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан.
Во фаза на проектирање е гасоводна врска со Косово и со овие два проекти, Македонија ќе биде транзитна држава со природен гас и еден од главните играчи со природен во регионот.
Продолжува изградбата на магистралните гасоводи низ целата држава со засилено темпо. Идната година завршуваме со кракот до Битола, и до Тетово и Гостивар, а потоа продолжуваме со Гостивар – Кичево, Св. Николе – Велес, и делницата до Гевгелија и до ТЕЦ Неготино, и со заокружување на прстенот кон Охрид и Ресен до Битола.
Во 2021 година започнува втората фаза од тендерската постапка за избор на приватен партнер за изградба на дистрибутивната мрежа на природен гас во сите општини. Двете турски компании АКСА и ПАЛЕТ ИНСААТ се во втората фаза од натпреварот за стекнување на привилегијата за приватен партнер со проценета инвестиција од околу 300 милиони евра.
Штип и Крива Паланка се веќе подготвени, тие се првите македонски градови после Струмица и Куманово, со комплетирана проектна документација за секундарната мрежа, а во фаза на изработка е и документацијата за Прилеп, Битола и Тетово. 2021 ќе биде годината кога ќе започне изградбата на секундарната гасоводна мрежа во 10 македонски градови со што цевките за гас ќе стигнат до домаќинствата.
Веќе во јануари 2021 година ќе стигнат анализите и проценките за нашето учество во изградба и сопственост на Терминалот за течен природен гас во Александропулос и Гасната електрана Александропулос. Во текот на 2021 Владата ќе донесе соодветни одлука за инвестирањето во овие проекти.
Во енергетиката навистина имаме што да кажеме и имаме аргументи зошто сме лидер во регионот по ова прашање.
Пред три дена заврши рокот за доставување понуди за огромниот проект Чебрен. После 11 години обиди на претходната власт кои пропаѓаа уште во фазата на распишување на тендерите, на нашиот јавен повик за пројавување интерес пристигнаа повеќе понуди од кои 10 се од џиновски компании од Европа и Кина. Сега продолжува следната фаза за проектот вреден меѓу 600 и 800 милиони евра и тоа само по себе ја покажува сериозната намера за успех.
Comments are closed for this post.