Премиерот Зоран Заев во Познањ најави дека Северна Македонија од Самитот за Западен Балкан што се одржа во овој град се враќа со грант од околу 43 милиони евра за три проекти.
Крајно сме благодарни за новиот пакет за поврзаност кој денеска беше објавен од Европската комисија и кој опфаќа три проекти од огромна важност за Република Северна Македонија, во вкупна вредност од околу 42,7 милиони евра, изјави Заев на прес-конференцијата.
Едниот, во износ од 13 милиони евра, е интерконекторот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија за снабдување со природен гас.
Овој интерконектор е можеби најзначајниот енергетски проект во овој дел на Европа. Неговата реализација ќе значи можност, иднина, конкурентност, безбедност и сигурност при снабдувањето со природен гас. Државите од Западен Балкан до сега немаа можност за втор снабдувач. Со овој интерконектор РСМ ќе има можност за пристап до огромни количини природен гас- 3,5 пати поголеми количини од сегашниот капацитет, изјави премиерот.
Тој истакна дека Македонија ќе се заложи овој проект да продолжи и кон Косово и Србија, со што, според него, ќе се зголеми енергетската независност на државите од Западен Балкан, но воедно и меѓусебната поврзаност.
Вториот проект, од околу 3 милиони евра се доделени за изградба на заедничкиот железнички граничен премин и патен пристап на Табановце на границата меѓу Република Србија и Република Северна Македонија, а околу 28 милиони евра и се доделени на Македонија за изградба на автопатот А4, отсек БЦ „Блаце“- Скопје.
Овој проект е придонес кон подобра поврзаност во Коридорот 8 и како продолжение на завршениот автопат Приштина- Блаце до нашата граница. Сите овие проекти имаат вредност и корист за целиот регион и ќе имаат позитивен ефект врз раздвижувањето на економијата и олеснувањето на патувањето на луѓето, изјави премиерот Заев.
Освен грантот, премиерот рече дека е почестен што идната година Северна Македонија ќе биде ко-претседавач на шестиот самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, заедно со Бугарија. За прв пат ваков самит ќе биде организиран од страна на земја-членка на ЕУ заедно со земја-кандидат за членство во ЕУ.
Comments are closed for this post.