Период за прилагодување, па потоа акциза за домашно произведена ракија. Ова е ставот кој го застапува пратеникот Панчо Минов во врска со Предлог законот за акцизи кој е во собраниска процедура. Исто како него размислуваа и производители на домашна ракија од Тиквешко, кои се сретнаа со него во врска со оваа проблематика.
Минов рече дека неговиот амандман бил целосно прифатен од матичната Kомисија за економски прашања.
Но, во Законодавно-правната комисија тоа не помина. Следува натамошна постапка, па затоа и организирав средба со лозари кои произведуваат и ракија. Да направиме дополнителни консултации. Моето убедување е дека треба да се остане на предлогот да има период на прилагодување, на подготовка за воведување на новата давачка која се предлага да биде на дозволено две ипол илјади литри по земјоделско стопанство, што и не е мала количина. За малите винарии, кои се регистрирани, е две илјади литри, но чист алкохол. Тоа значи околу четири илјади литри жесток пијалок, или по тиквешки, ракија. Целта е во овој подготвителен период, секој лозар кој сака да биде производител на ваква количина, да се определи дали е спремен да биде регистриран и акцизен обврзник, рече пратеникот.
Има, нагласи, многу субјекти кои застапуваат воведување на оваа давачка.
Тоа се големи винарии, кои во домашното производство на ракија гледаат конкуренција. Тука има на одреден начин и своевиден судир на интереси, иако јас лично сметам дека не треба да биде така. Затоа што ова производство на домашна ракија е од винското грозје кое не може да се пласира во винариите. Јас сум оптимист дека заедно со лозарите ќе издејствуваме да не се воведе веднаш акцизата, туку тоа да биде со нашето зачленување во Унијата. На тоа работиме, има доста добро расположение во скоро сите пратенички групи, оваа работа да се вгради во Законот за акцизи, додаде Минов.
Тој рече дека ова е од витално значење.
Ова не значи дека сакаме на диво да се произведува домашна ракија. Нека си рече регистрирањето во царинската управа, секој да си има документ дека е регистриран за таа работа, да го пријави своето производство во количини, но само плаќањето на акциза да биде одложено, рече пратеникот.
Состанокот беше за да се запознаат лозари производители на ракија и да се изврши консултација во врска со Предлог законот за акцизи.
Со тој закон се предвидува, во согласност со усогласувањето на европската регулатива, битна новина која е неповолна за поднебјето на Тиквешијата. Тоа е воведувањето на нова акциза на индивидуалните производители на жестоки пијалоци, триесет денари по литар, на алкохолност од 45 проценти. Се предвидува, акцизата да се регулира преку воведување на регистар на вакви производители во Царинската управа. Со тоа и обврска да се пријави опремата за производство на ракијата, количина на винско грозје кое се преработува. Има обврска и кога ќе се произведе ракијата, да се добие од Агенцијата за храна лиценца дека ги исполнува стандардите за производство. Тука е и најбитното, воведување на акцизни маркици пред пуштање во промет на акцизната роба, информираше Минов.
Соопшти дека како пратеник имал неколку интервенции со амандмани, дефинирани преку вакви средби со лозари кои произведуваат и ракија.
Бидејќи усогласувањето со европското законодавство е неминовно, што е во ред, мој предлог беше, согласно на моите консултации со лозарите, подигањето на акцизни маркици и плаќањето акциза пред продажбата на ракијата, да се одложи. Бидејќи тоа би значело еден нов акцизен намет, нова давачка која во случајот би била непопуларна. Мојот предлог беше тоа да се одложи до нашето членство во Европската Унија. Таква е состојбата и во Црна Гора и Србија, кои се понапред од нас во преговорите со ЕУ и ова поглавје или директива е веќе отпочната работа, но сеуште нема ваква давачка. Во Хрватска, по пет години од отпочнувањето на преговорите и затворањето на ова поглавје, утврдиле ваква давачка. Аргументите се на наша страна, додаде Минов.
Comments are closed for this post.