Со почетокот на градежната сезона ќе почне забрзана изградба и рехабилитација на најголем дел од патната мрежа во Македонија во вкупна вредност од милијарда и 270 милиони евра. Годинава ќе се инвестира во нови патишта и реконструкција на постоечката патна инфраструктура во должина од над 770 километри. Треба да се почне да се работи на патишта во должина од 421 километар со инвестиција од 236 милиони евра. Тие активности треба да обезбедат заздравување и раст на градежништвото, а во нив директно или индиректно ќе бидат вклучени околу 10.000 лица.
Такви ветување денеска изнесоа премиерот Зоран Заев и владиниот економски тим, кои ветуваат патишта за внатрешно и поврзување на државата со соседите, со цел побрзи транспортни услуги и за граѓаните и за компаниите.
Годинава се планира да почнат нови проекти за изградба и рехабилитрација на 43 патишта и да продолжи изградбата и реконструкцијата на 27 патни правци.
Како што информира вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, по ланските завршени 192 километри патишта во вредност од само 30 милиони евра, сега се во тек проекти во вредност од 1,035 милијарди евра во должина од 365 километри, а годинава ќе почне да се работи на патишта во должина од 421 километар со инвестиција од 236 милиони евра. Според него, минатата година не е изгубена за градежништвото и е искористена за подготовка на проектите кои годинава ќе го зголемат растот во тој сегмент.
Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, 40-ина патишта во вредност од над 230 милиони евра и вкупна должина од 420 километри се подготвени за рехабилитација или реконструкција. Меѓу тие се изградбата на автопатот Скопје –Блаце, реконструкција на автопатот од Катланово до Петровец, стартот на вторите фази од експресните патишта Штип-Радовиш и Штип-Кочани, како и последниот дел од експресниот пат Градско-Прилеп, реконструкција на регионалниот пат Ранковце-Крива Паланка, доизградба на трета лента на потегот од Крива Паланка до преминот Деве Баир. Министерството за транспорт е во завршни преговори со Светска Банка за обезбедување 70 милиони евра за изградба и реконструкција на локални патишта.
Според директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, годинава ќе се градат и четири нови мостови, 12 ќе се обновуваат, а ќе се проектираат 33 патни правци.
Во планираните активности за годинава за продолжување на тековните работи и стартување нови на автопати и експерсни патишта, во вредност од 460 милиони евра, ќе бидат вклучени на директен или индеректен начин околу 10.000 лица.
Според премиерот Заев, инвестицискиот циклус во патната инфраструктура нема да биде запрен независно од претстојната одлуката дали заедно со претседателските избори ќе се одржат и предвремени парламентарни избори.
Comments are closed for this post.