На предлог на Комисија за именување Владата  ја именуваше Анета Симеска Димоска за в.д. директор на Државниот пазарен инспекторат, орган во состав на Министерството за економија.

Анета Симеска Димоска е дипломиран инженер технолог и магистер по бизнис администрација со специјалност за комерцијална ревизија на финансиски извештаи во услови на примена на информациските технологии. Има 28 годишно работно искуство, од кои 19 години како државен пазарен инспектор, а од 2017 до 2020 година беше пратеник во Собранието.

Симеска-Димоска доаѓа на местото на Стојко Пауноски, кој беше разрешен од Владата на 27 април 2021 година, поради, како што соопшти тогаш Владата, непрофесионално однесување.

Разрешувањето на Пауновски следеше откако јавно кажа дека не може да ги преземе во ДПИ 32-цата вработени преку програмата К-5 што му ги определи Владата, туку само оние кои имаат соодветно образование.

Владата ќе му предложи на Собранието на Република Северна Македонија за заменик на директорот на Агенцијата за администрација да го именува Агрон Сефери, а на Управниот одбор на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Скопје, му препорача за вршител на должност заменик на директорот, да биде реизбран Самка Ибраимоски.