Владата на Република Македонија вечерва во рамки на 100-та седница ги разгледа и усвои амандманите на ребалансот на Буџетот за 2018 година предложени на матичната комисија  во Собранието.

Осумте амандмани на седницата на Владата на РМ се прифатени како дополнување на Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2018 година, и новиот, интегрален текст на предлогот за ребаланс на Буџетот ќе биде проследен на усвојување на пленарна седница во Собранието на Република Македонија, соопштија од владината прес-служба.

Ребалансот на Буџетот беше прифатен од Владата на 13 октомври, а матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет ја почна расправата на 29 октомври. Во рамки на расправата во Комисијата беа прифатени  осум амандмани.

Според предлогот на Владата, со ребалансот има намалување на приходната и расходната страна за 0,5 отсто. Се задржува буџетскиот дефицит на 2,7 отсто, а се ревидира проекцијата за економскиот раст на 2,8 отсто.

Целта на Предлог-ребалансот на Буџетот за годинава е да се направат корекции на расходната страна со цел обезбедување финансиска поддршка за општините и зајакнување на фондовите за здравствено осигурување (ФЗОМ), Пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и Агенцијата за вработување.