Викенд без ДДВ е нешто што се случи само еднаш, викендот од 10 од 12 октомври 2020, но остана длабоко во свеста на луѓето дека не би било лошо да се повтори еден таков викенд или уште подобро да стане пракса, слично како Блек фрајдеј.
Викенд без ДДВ беше мерка од четвртиот пакет на тогашните антикризни мерки, кои се спроведуваа поради корона епидемијата, кога продажбата беше опадната поради мерките за затварање, ограничувањето за излегувања и другите околности, па со него се даваше стимул на граѓаните да пазарат. Поентата на таа мерка беше граѓаните за прометот што ќе го направат во трите дена од продолжениот празничен викенд, за домашни производи и услуги и компјутери и ИТ-опрема да добијат целосен поврат на платениот ДДВ. А дека оваа мерка даде резултати, говори фактот дека од анализите и споредбите што ги направи Управата за јавни приходи потрошувачката на македонски производи тој викенд во споредба со потрошувачката на истите производи во претходните викенди во истиот месец била за 2,2 пати зголемена. Скенирани биле трипати повеќе фискални сметки и остварен бил 9,5 пати поголем промет од македонски производи тој викенд во однос на истиот од година пред тоа.
Трговците се уште ја паметат еуфоријата која тогаш владееше од страна на потрошувачите, кои купуваа се и сешто само да ја искористат мерката која значеше солиден попуст, посебно кај поголемите и поскапи производи, како што е техниката. Тие имаат расположение таков викенд да се повтори, исто како и граѓаните, но одговорните засега немаат никаква амбиција таа мерка да се повтори.
Директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова, вели дека за таква една мерка, потребен е поширок консензус и иницијатива од одговорните во Министерството за финансии, како носители на таков проект, додека УЈП е тука за спроведување
Правилото на тогашниот Викенд без ДДВ беше дека корисниците на апликацијата МојДДВ, за фискалните сметки издадени во трите дена од Викендот без ДДВ, за вкупниот промет до 30.000 денари по лице, остварен од македонски производи и услуги, како и компјутерска опрема, со нивното скенирање во рок од три дена од издавањето, ќе може да го вратат целосниот износ на пресметаниот ДДВ за тие производи во фискалните сметки. За враќање на целиот износ на данокот, граѓаните требаше да ги скенираат фискалните сметки во рок од три дена по нивното издавање, а доколку ги скенираат по истекот на овој рок, враќањето на ДДВ за овие производи ќе продолжи како досега, односно ќе се пресметува со 20 отсто од платениот ДДВ во фискалната сметка исто така и надминатиот износ од вкупниот промет ќе се пресметува согласно редовната пресметка односно 20 отсто.
Враќањето на целосниот износ на ДДВ се изврши во рок од 15 дена од денот на скенираните сметки.
Целта на оваа мерка, беше да им се даде можност на граѓаните да извршат целосен поврат на данокот на додадена вредност за прометот реализиран преку фискални сметки кои ќе бидат издадени за периодот 10, 11 и 12 октомври.
Највисокиот износ за кој граѓаните имаа право на враќање на целиот износ на данок изнесуваше 30.000 денари вкупен промет регистриран во сите фискални сметки кои беа издадени тие денови. За прометот над 30.000 денари важеа воспоставените правила за поврат на 20 отсто од платениот ДДВ за домашните производи и услуги и 10 отсто за странските, а повратот да се врши по истекот на тримесечјето.
Comments are closed for this post.