Вториот ребаланс на буџетот е ребаланс за спроведување на четвртиот пакет антикризни мерки, кој има за цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепне одредени дејности, да обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да обезбеди политики кои ќе помогнат спроведување на брза излезна стратегија, за кога кризата ќе заврши да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими, презентирајќи го вториот ребаланс на буџет.
Со вториот ребаланс се ревидира економскиот резултат за 2020 година на -4,4%. Како што беше истакнато, доколку не се преземеа пакетите мерки, падот веројатно ќе беше повисок.
Приходната страна на буџетот со ребалансот останува иста, односно од 196,4 милијарди денари и истите се планирани на речиси идентично ниво во однос на планот, додека расходната страна се проширува на 253 милијарди денари или за 4,2%, односно за 10,1 милијарди денари повисоки во однос на ребалансот, со кои ќе се финансираат дел од мерките. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,6 милијарди денари, односно 8,4% од БДП.
Овие средства се распределени во буџетите на соодветните министерства и институции надлежни за имплементација на владините мерки преку посебна владина Потпрограма П1- мерки за справување со корона-кризата. За финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор се предвидени 70 милиони евра, за домашна платежна картичка за ранливи категории од Ковид-19 27 милиони евра, за поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња 6,7 милиони евра, за поддршка на дејноста туристички водич 160.000 евра, за враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања 2 милиони евра, за македонски викенд-шопинг со Мој ДДВ 17 милиони евра, за државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка 13 милиони евра и за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби 5,5 милиони евра“ – вели министерот за финансии.
Кратења има кај расходите за стоки и услуги се планирани во износ за 1 милијарди денарии кај капиталните расходи 1,2 милијарди денари, притоа капиталните расходи на ниво на основниот буџет се на исто ниво.
Во однос на финансирањето на дефицитот, ново задолжување кон странство нема да има. Проширувањето на дефицитот ќе се финансира во одреден дел од депозитите на државата и дел преку државни хартии од вредност.
Инаку, реализацијата на буџетот заклучно со септември, на приходната страна изнесува 136 милијарди денари или 69,1% во однос на планираните приходи за 2020 година со ребалансот од мај, што е за 4,9% помалку во однос на истиот период од лани. Реализацијата на расходната страна изнесува 171,9 милијарди денари, што претставува 70,5% во однос на годишно планираниот износ со првиот ребаланс, или за 10,7% повеќе во однос на лани. Согласно ова во периодот јануари-септември 2020 година остварен е дефицит на буџетот на Република Северна Македонија во висина од 35,8 милијарди денари или 5,3% од БДП. Според овие податоци, реализацијата на буџетот одеше согласно планот, но со носење на четвртиот пакет мерки кој е во насока на поттикнување на економската активност и поддршка на фирмите и на граѓаните се јави потреба за финансирање на истите, а со тоа и преструктуирање на позициите во буџетот и обезбедување дополнителни финансии, посочи министерот за финансии.
Comments are closed for this post.