Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија (УПОЗ) денеска преку соопштение реагираше на висината на најавеното зголемување на платите во јавната администрација кое според нив нема да ја подобри материјалната и социјално-економската положба на вработените во администрацијата и правосудството.
Од УПОЗ посочуваат дека скоро 70 проценти од вработените во државната администрација и правосудството земаат плата под државниот просек и оти нето платата на вработен во државна администрација со 25 години стаж во работењето и високо образование се движи од 20 до 22 илјади денари. Додаваат дека дури и со зголемувањето на платите за пет проценти, повторно ќе биде голем процентот на вработени во администрацијата и правосудството кои ќе имаат примања под републичкиот просек.
Последното зголемување на платите во државната администрација беше во 2014 година, а сите други додатоци и надоместоци на плата се замрзнаа со мерките на штедење воведени во 2008 година, и со фамозниот Закон за извршување на буџет кој не дозволува исплата на ниту едно право кое го имаат вработените во администрацијата и правосудството. Во изминатиот период бевме сведоци на исплата на огромни средства на име патни трошоци на пратениците во Собранието на Р. Македонија кои достигнуваа и до 12.000,00 евра за 6 месеци, а кога вработените во администрацијата се упатуваат на извршување на работни задачи надвор од местото на работење не само што не им се исплаќаат патни трошоци туку користат сопствени возила, самите ги плаќаат трошоците за пат и гориво, не им се исплаќаат прекувремени часови, а на крај не им се надоместуваат трошоците за службените патувања, велат од УПОЗ.
Оттаму истакнуваат дека се подготвени да преговараат за измени во политиката и системот за пресметка и исплата на плати во државната администрација со кој би се исплаќале реални плати на вработените.
Comments are closed for this post.