Тутунски Комбинат Прилеп (ТКП) доби дивиденда од 2,4 милиони евра од компанија Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп (ФМТКП), што претставува зголемување за 58% споредено со дивидендата добиена за минатата година. Дивидендата, исто како и за претходната година, во најголем дел ќе биде искористена за сервисирање на наследените стари долгови кои ги има Комбинатот и финансирање на Планот на подобрување на продуктивноста преку реструктуирањето спроведено во текот на 2018 година. ФМТКП е заедничка компанија на Филип Морис Интернешнел и ТКП, формирана во 2014 година согласно Договорот за заедничко вложување меѓу водечката меѓународна тутунска компанија и Комбинатот од Прилеп.
ТКП со децении беше на листата на најголеми загубари во земјата, чие работење и опстојување, со оглед дека е најголем откупувач на тутун од најголемиот тутунопроизводен регион во земјата, зависеше од постојани дотации од државата како негов мнозински сопственик. Благодарение на стратешкото партнерство со Филип Морис, согласно финансиските извештаи за 2019 година, ТКП излезе од листата на загубари. Ова е многу значајно достигнување, бидејќи ТКП ги има сите предуслови да полека прерасне во една профитабилна фирма, со подобрена ликвидност, продуктивност и ефикасност.
Comments are closed for this post.