Во просек една третина од домаќинствата во регионот имаат проблем со навремено подмирување на режиските трошоци во последните 12 месеци, покажува годишното истражување на Евростат за приходите и условите за живеење.
Според податоците на Евростат за 2018 година, околу 36,9 проценти од домаќинствата во земјава имале проблеми со навремено плаќање на режиски сметки во изминатите 12 месеци, потоа следи Грција со 35,6 проценти, па Бугарија со 30,1 процент.
Најмалку домаќинства не можеле навремено да ги подмират режиските трошоци во Холандија, Чешка, Шведска и Австрија – сите околу 2 проценти.
На ниво на ЕУ во 2018 година речиси 7 проценти од домаќинствата имале проблем навремено да ги подмират режиските трошоци (сметки за греење, струја, гас, вода и др.) поради финансиски проблеми. Сепак, истражувањето на Евростат покажува тренд на намалување и пад на овој процент од 10 проценти во однос на 2013 година.
Овој проблем е поизразен меѓу домаќинствата со дете и еден родител. На ниво на ЕУ околу 14 проценти до домаќинствата со еден возрасен член и најмалку едно дете се соочиле со проблеми за навремено подмирување на режиските трошоци.
Comments are closed for this post.